Приватните превозници ги отфрлаат обвинувањата на Арсовска околу билетите


Ленин Јовановски

 

Приватните превозници остро возвратија по обвинувањата на скопската градоначалничка дека не наплаќале билети за превози затајувале данок. „Најодговорно тврдам дека ‘Слобода превоз’ од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и колетирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин“, рече на денешната прес-конференција директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, отфрлајќи ги забелешките на Данела Арсовска.

Претходно денеска, Арсовска изјави дека приватните превозници од 2017 година наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец, а како што рече, таа шема најверојатно траела пет години.

„Кој било да се обидел да направи каква било злоупотреба, којашто би била надвор од системот, сето тоа би било регистрирано, бидејќи за сето ова постои електронски траг, сите наши автобуси се опремени со ЏПС кој го следи нивното движење, сите валидатори што се во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП располагаат со опрема која ја регистрира секоја употреба на електронска карта и доколку имало какви било пропусти во сето тоа можело да биде регистрирано и можело да се алармира“, истакна Јовановски.

Тој потенцираше дека немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови коишто ги има определено ЈСП.

„Приватните превозници не наплаќаат. Уште помалку ‘Слобода превоз’ ниту некогаш имала мрежа, ниту имала намера да развива мрежа, ниту задолжувала карти од ЈСП. Ние сме како организатори на превозот и немаме никаква допирна точка со тоа“, посочи директорот на „Слобода превоз“.

Тој образложи дека нивна обврска со договорите е да изготвувааат фактура според изминати километри и оти тоа постојано се проверува преку мониторинг центарот на Град Скопје и се следи преку ОКЦ Центарот на ЈСП.

„Јас не можам да разберам како може една институција како што е Град Скопје, како што е институцијата градоначалник на Град Скопје да си дозволи да изнесува вакви невистини со дефокусирање и со обвинувања коишто се сериозни и за коишто ние како компании, коишто сме споменати, во консултација со адвокатски канцеларии ќе поднесеме тужби за клевета и за нарушување на угледот“, потенцираше Јовановски.

Тој посочи дека немаат информација дека некој возач направил некаква злоупотреба да наплати билет, а за тоа да не даде билет или да не издаде фискална сметка заради тоа што, како што рече, тоа е невозможно.

Тој додаде дека побарале помош од Советот на Град Скопје и се надева дека ќе бидат повикани во текот на утрешниот ден за да ги изнесат нивните ставови.

„Денеска добивме информација од претседателот на Советот дека веројатно во текот на утрешниот ден ќе бидеме повикани за да ги изнесеме нашите ставови, ќе одговориме на нивните прашања, можеби што не се јасни во оваа цела ситуација и ќе побараме помош да видиме што тие ќе можат да направат и за нас и за граѓаните да имаат редовен јавен превоз. Се надеваме на побрза разрешница и дека работите ќе се средат“, нагласи Јовановски.

Осврнувајќи се на изјавата на Арсовски за тоа дека ќе има нови огласи за аплицирање за превозниците повторно да се вклучат во сообраќајот, рече дека тоа е возможно и оти немаат ништо против тоа.