Приватен капитал ќе го спасува јавното здравство

Министерството за здравство планира промена на финансирањето на дел од здравствените услуги, така што ќе се имплементираат моделите на јавно-приватно партнерство со кои ќе се дозволи приватен капитал да влезе како инвеститор во јавниот здравствен систем. Целта е, рече ресорниот министер Венко Филипче, да нема повеќе непотребните трошоци и долгови и да се фокусираат кон здравствен систем што купува услуги, што ќе биде поефикасен и ќе нуди квалитетни здравствени услуги.

„Преземаме неколку чекори за да ја подобриме покриеноста бидејќи има голем недостиг на кадар, пред сè на доктори во примарно ниво, гинеколози и педијатри. Во таа насока подготвуваме промена на законот, со што ќе дозволиме лекарите кои работат во болниците да дадат услуги и на примарно ниво. Тоа значи дека во сите места каде што нема матични гинеколози, гинеколозите од регионалните болници ќе можат по систем на ротации да даваат такви услуги во тие амбуланти и на тој начин да ја приближат услугата до жените на кои им е потребна. Во исто време, ќе ги овластиме и здравствените домови да ја даваат таа услуга, ќе ги опремиме ординациите, што на некој начин враќање на гинеколошките диспанзери кои претходно постоеја во земјава. Јавно-приватно партнерство значи таму каде што потенцијален приватен партнер може да најде интерес, да може да инвестира за да се надгради инфраструктурата и опремата. Тоа значи подобрување на условите во кои работат здравствените работници, поголеми плати за нив, а за нашите пациенти поквалитетни услуги“, посочи Филипче.

Министерот додаде дека процесот за јавно-приватно партнерство ќе оди преку изработка на физибилити-студија со која детално ќе се анализираат модели за текот и на пациентите и на финансиите во здравствениот систем. Плановите се за сево ова да има јавна дебата во која ќе учествуваат сите засегнати страни. Вклучени ќе бидат Синдикатот на лекари, медицинските сестри, експерти по економија, финансии и од правото.

„Преку широка дебата ќе видиме и ќе оцениме најпрво дали ќе одиме во оваа насока, а ако одиме, во кои дејности тоа ќе го направиме. Не постои никаков ризик од нерационално затворање болници. Овој модел заслужува широка дискусија во која ќе бидат вклучени сите експерти за да го утврдиме начинот по кој ќе го развиваме нашиот здравствен систем“, подвлече Филипче.

Тоа што дури 37 отсто од граѓаните од земјава се лечат приватно и за здравствените услуги плаќаат од свој џеб, според министерот, е причината што сакаат да го променат системот преку искористување на капацитетите на болниците во државава со модели кои се користат во европските земји.

За задолжителната вакцинација ќе се расправа по изборите

Граѓанска иницијатива на 129 граѓани за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе биде разгледана на седница на собраниска комисија по завршување на вториот круг од претседателските избори. Тоа требаше да се случи вчера, но немаше кворум.

„Имајќи предвид дека е изборен процес и дека немаме кворум, ние суштински не можеме да работиме. Од тие причини оваа седница ја сметам за затворена. Веднаш по обезбедувањето деловнички услови, што би било по завршување на вториот круг од изборите, оваа иницијатива планираме ја ставаме на дневен ред на Комисијата за политички систем. Верувам дека на неа ќе имаме доволен број пратеници за да донесеме став“, истакна заменик-претседателот на Комисијата, Чедомир Саздовски.

„Се бара промена на сегашниот закон, таму каде што стои задолжителна вакцинација да се смени и да биде право на избор на родителите. Не сме против вакцинација туку само сакаме сето тоа да биде ублажено и родителите да имаат поголема сигурност, да биде дозволено тие да одлучат кога ќе го вакцинираат детето и да се знае од каде доаѓа вакцината и што содржи таа. Да престане оваа игра со здравството, со поминат или непоминат рок на вакцините, сето тоа сакаме да биде како што треба. Тогаш луѓето ќе имаат сигурност да ги вакцинираат сопствените деца. Само се бориме за некои промени што се наметнати да бидат ублажени и тоа да биде законски срочено“, истакна предлагачот на иницијативата, Елена Павлеска.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, е дециден дека нема да се дозволи ниту едно дете да биде запишано во училиште или во градинка доколку е невакцинирано.

„Има важечка законска регулатива и, иако е точно дека во делот на Законот за основно образование има контрадикторности, нема да дозволиме ниту едно дете да биде запишано ниту во училиште ниту во градинка невакциниранио, заради тоа што не може волјата на родителот да биде посилна од правото на детето да биде здраво. Притоа, не може со една индивидуална постапка да се загрозува колективното здравје. Близу две третини од невакцинираните деца веќе се вакцинирани, и тоа околу 11.000 во Скопје и 6.000 ширум државата, а секој ден има новозаболени од морбили“, рече Филипче.

Вероника Мароска-Леова