Притворот за Јанакиески во два случаи бил неправеден, одлучи судот во Стразбур
Европскиот суд за човекови права и слободи денеска ја објави пресудата во случајот на Миле Јанакиески против Македонија во врска со притворот за случаите „Организација на 27 април“ од февруари 2019 година и „Шпански скали“ од јуни истата година и во неа стои дека на поранешниот министер за транспорт и врски му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.
Во кусото образложение на судот се наведува дека „случајот се однесува на два сета кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостаток на релевантни и доволни причини и недостаток на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода“.
Во одлуката уште се додава дека пресудата била донесена поради повреда на член 5 став 3 поради недостаток на доволно причини за лишување на жалителот од слободата и повреда на член 5 став 4 поради недостаток на „брзо“ ревизија на лишувањето од слобода на жалителот.
Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра на Јанакиески. Од таа сума, 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.
Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“.