Пристигнуваат први снимки од земјотресот во Колумбија – 20 срушени згради


Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди западниот дел на Колумбија, а потресите се почувствуваа во градовите низ целата земја. Геолошкиот завод на САД (USGS) го регистрираше земјотресот во 7:34 часот наутро по локално време. Епицентарот беше во близина на Сан Хозе дел Палмар во департманот Чоко, на длабочина од 107 километри.

Според првите информации, имало голема штета. Се шират снимки од урнати згради. Во градот Кали се срушени 20 згради.

Гувернерката на департманот Чоко, Нубија Каролина Кордоба Кури, потврди дека од главниот град Кибдо доаѓаат информации за повредени и „сериозни штети на зградите“. Таа, исто така, предупреди на можноста за последователни потреси.

20 згради се урнаа во Кали, градоначалникот потврди дека има заробени луѓе
20 згради се урнаа во колумбискиот град Кали, вклучувајќи ја и канцеларијата на нотар. Градоначалникот на Кали потврди дека луѓето се заробени под урнатините.

Објавените снимки покажуваат луѓе како копаат со голи раце низ остатоците од една од уништените згради. Кали се наоѓа југозападно од главниот град Богота.

Последователни потреси
Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди колумбискиот регион Чоко. Колумбискиот геолошки завод објави дека по главниот потрес, регистриран е и последователен потрес со магнитуда од 4,8 степени.

На социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледа голема материјална штета. Штетите се видливи во градовите Манизалес, Кали и Ерменија и во самиот регион Чоко, каде што беше епицентарот на земјотресот.

Сообраќајот на шест аеродроми е прекинат
Сообраќајот на шест колумбиски аеродроми е привремено прекинат по земјотресот што ја погоди земјата. Одлуката ја потврди и Националната агенција за цивилно воздухопловство (UAEAC).

Според информациите на агенцијата, прекинот на сообраќајот е поради штетите регистрирани на аеродромите Переира, Манизалес, Кибдо, Ерменија, Картаго и Буенавентура. Сите летови на овие терминали моментално се прекинати.