Пристигнаа уште 12.870 дози од вакцините на „Фајзер“


Нови 12.870 дози вакцини „Фајзер“ пристигнаа денеска во земјава од редовната пратка што Македонија ја добива секој понеделник.Министерството за здравство соопшти дека 8.190 дози од нив се од билатералниот договор со производителот „Фајзер“, а 4.680 се во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe).
 
Во земјава утре треба да пристигнат и 20. 000 вакцини на „Астра Зенека“ од Грција.
 
„Оваа донација е многу значајна за нас. Голема благодарност до грчкиот народ и до амбасадорот на Република Грција кај нас, Русос Кундурос. Пристигнувањето на новите дози вакцини се одвива навремено и, согласно ова, имунизацијата има одличен тек“,  соопшти Министерството за здравство. 

 

Недостатокот на вакцини во земјава значително го забави процесот на имунизација на населението последните две недели кога на дневна основа со првата доза се вакцинираа од илјада до 1.500 граѓани, а не до 15.000 како што се најавуваше. Пристигнувањето на 500 000 кинески вакцини Синовак, кои се очекува да ја променат сликата на моменталната состојба на имунизација, требаше да се случи минатата недела, но  сеуште ги нема. Се очекува  количина и од  руски Спутник В, за кои нема конкретни рокови кога ќе пристигнат.

Досега вакцинирани се околу 442.928 граѓани од вкупно 449.456 регистрирани. Со две дози вакцинирани се  257.000 граѓани. Последните две недели главно се врши ревакцинација на оние кои ја примиле првата доза.