Пристигнаа 20.000 „спутник“ вакцини од Србија
Дури 20.000 вакцини „спутник“ пристигнаа денеска од Србија, а тоа е дел од два пати по 20 илјади, што треба да стигнат од соседна Србија.
Премиерот Зоран Заев изрази благодарност до соседна Србија, а ова го нарече како голем чин на солидарност.
Според него, со овие два пати по дваесет илјади „спутник“ вакцини што доаѓаат од Србија, ќе може непречено да продолжи вакцинацијата која почна кај нас вчера.
– Подготвена е салата „Борис Трајковски“, подготвени се вакциналните пунктови во сите градови и продолжуваме со масовна вакцинација – рече Заев.
Тој испрати порака до сите граѓани да влезат во системот за вакцинација. Потенцира дека и тој, како и членовите на Владата се пријавиле преку онлајн системот и го чекаат својот ред.
Уште еднаш повтори дека вакцините се сигурни и безбедни и дека со нив, се надева, дека наскоро ќе ставиме крај на пандемијата од корона вирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари на соседна Србија за овој чин на солидарност. Тој смета дека во ова време на пандемија, солидарноста е најдоброто нешто што може да си го пружиме едни на други.
Досега со вакцини од Србија се вакцинирани 4.050 здравствени работници, со вакцина на „Фајзер“. Според досегашната динамика, Србија кон Македонија испорачала 48.100 вакцини. Филипче појасни дека околу 10.000 граѓани ја преминале границата и се вакцинирале во српските пунктови. Но, вели дека побарал од неговиот колега Лончар, да му прати список со сите Македонци кои се вакцинирале во Србија, за кога ќе дојде време за вакцинација да се има предвид кого се треба да вакцинираат. (Б.Б.)