Пристап до интернет преку мобилна мрежа имаат 1.348 663 претплатници


Заклучно со третиот квартал лани во државава се регистрирани 1 348 663 претплатници со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилните мрежи, што е за 92 048 повеќе споредено со вториот квартал, односно за 46 000 во однос на третото тримесечје во 2019, покажуваат најновите податоци што ги објави Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Во уделот на активни претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа, А1 Македонија учествува со 52,62 проценти, Македонски телеком со 44,72 проценти, Роби со 1,45 проценти , а Лајкамобајл со 1,22 проценти. Во вкупниот сообраќај  по тој основ во третиот квартал лани Македонски телеком има удел од 46,86 проценти, А1 Македонија од 51,06 проценти, Роби од 1,43 проценти, а Лајкамобајл од 0,64 проценти.

Според извештајот на АЕК, на крајот на третиот квартал лани во државава имало 1 833 689 активни претплатници во мобилната телефонија, за 56 495 повеќе од вториот квартал, кога имало 1 777 194.  Од регистрираните во третото тримесечје, 719 455 се резиденцијани припејд, а  861 922 постпејд линии, а 252 312 се деловни постпејд линии.

Во вкупниот број активни претплатници телекомуникацискиот оператор А1 Македонија има удел од 50,73 проценти, Македонски телеком од 46,24 проценти, Лајкамобајл од 1.96 проценти, а Роби од 1,07 проценти.. Македонски телеком со 51,03 проценти има најголем удел во приходи од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во третиот квартал лани, додека уделот по тој основ на А1 Македонија изнесува 47,62 проценти, на Лајкамобајл 0,50 проценти, на Роби 0,85 проценти.

Во текот на јули, август и септември годинава преку мрежите на мобилните оператори се остварени 1.480.594.648 минути разговор, од кои кон мрежи во странски држави 2.909.042 минути, а 1.000.591 минути реализирале претплатници на домашен оператор кои престојувале надвор од земјата.

Информацијата на АЕК за состојбата на пазарот на електронски информации за третиот квартал покажува дека на крајот на септември лани во државава имало 408 618 фиксни линии, за приближно 5 000 повеќе во однос на претходниот квартал, кога беа регистрирани 403 715. Бројот на фиксни линии бележи постојан раст од почетокот на годината, односно во вториот во однос на првиот имаше зголемување од 1 175.