Приштина и Тирана лути, Пендаровски и Ердоган во Сараево


Првиот меѓународен собир на кој учествува претседателот Стево Пендаровски, имаше непријатна увертира откако дел од земјите членки на Процесот за соработка на југоисточна Европа одбија да се појават на самитот во Сараево. Владите во Приштина и во Тирана се налутија затоа што домаќините од Босна и Херцеговина му упатија покана со фуснота на Косово, имајќи предвид дека не ја признаваат неговата самостојност. Од тие причини, денеска нема да дојде до вообичаеното примопредавање на должноста претседавач на самитот од страна на властите во БиХ кон нивните косовски колеги.

Покрај Пендаровски, на самитот ќе учествуваат и претседателите на Турција, Словенија и Црна Гора: Реџеп Таип Ердоган, Борут Пахор и Мило Ѓукановиќ. Србија ќе биде претставена со претседателката на владата, Ана Брнабиќ, Бугарија со премиерот Бојко Борисов, додека сите други држави со претставници на министерствата за надворешни работи.

„Самитот започна вчеравечер со свечена вечера што ја организира Милорад Додик, кој претседава со Претседателството на БиХ, но главните активности се предвидени за денеска со пленарна седница на Јахорина и со усвојување на заедничката изјава. Секако, претседателот Пендаровски ќе оствари серија билатерални неформални средби со другите учесници на состанокот“, брифираат од канцеларијата на македонскиот претседател.

Нерешениот до крај статус на Косово беше причина и за овогодишното превирање во регионалното друштво. Во 2013 година тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов дури и го откажа самитот на групата во Охрид. Сега проблем е тоа што Приштина била поканета со фуснота и нема ист третман како другите 12 земји членки.

„Начинот на кој БиХ ја третира државната делегација на Косово е неприфатлив. Не само тоа туку ова го става во сенка и неодамна завршениот самит во Познањ во рамките на Берлинскиот процес, заедничките изјави и обврските што ги презедовме, како и конструктивните ангажмани што Косово како држава ги приредува во регионалните иницијативи и во Берлинскиот процес“, образложи шефот на косовската делегација Беџет Пацоли зошто тој и претседателот Хашим Тачи нема да се појават во босанската престолнина.

Во знак на солидарност, и Албанија, односно претседателот Илир Мета, најави дека нема да присуствува, но се премисли во последен момент. Албанските власти го вперуваат прстот кон лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, посочувајќи го за најсилен противник на идејата БиХ да го признае Косово како независна држава.

„Ние им издадовме визи на Пацоли и на неговата делегација. Ова е првпат еден ваков состанок да се бојкотира. Му се нанесува силен удар на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, покренат уште во 1996 година со цел подобра соработка меѓу земјите членки и зачувување на трајниот мир и стабилност, јакнење на проевропските сили во регионот и приближување кон европските и евроатлантските интеграции“, реагираше министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак.

На 29 мај 2013 година Иванов изненадувачки соопшти дека го откажува самитот на 2 и 3 јуни кој требаше да се одржи во Охрид. Тој не ја наведе причината, но неговата одлука следуваше по најавата на албанскиот и на хрватскиот претседател, Бујар Нишани и Иво Јосиповиќ, дека нема да учествуваат на овие собири зашто не беше покането Косово.

„За жал, старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаја во пресрет на самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди, и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со вета и со бојкоти. Оваа одлука ја донесов и за да не се манипулираат граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните на сите држави од регионот. Конечно дојде денот кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик“, рече тогаш претседателот Иванов.

Претходно, од кабинетот на Иванов соопштија дека не можеле самостојно да го поканат Косово бидејќи ако го направеле тоа земји членки на Процесот за соработка во југоисточна Европа се заканиле со бојкот на самитот.

Турција нема луксуз од далеку да го следи Балканот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е најголемата „ѕвезда“ на дводневниот самит во Сараево. Тој пристигна во главниот град на БиХ вчера околу 13 часот. На аеродромот дојде до помал инцидент откако неговите телохранители се судрија со локалното обезбедување и со полицијата.

„Мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот се исклучително важни за нас. Нашата земја го нема тој луксуз од далеку да ги следи случувањата на ова подрачје“, порача Ердоган.

Горан Адамовски