Приштина и Скопје бараат решение за трговскиот спор, засега остануваат забраните за извоз

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина се сретнал со косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља по мерката на Косово за забрана на увоз на компири и мед од земјава.

Бектеши и Шаља, како што објави електронското издание на косовскиот весник „Коха диторе“, се согласиле до петок Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово да испрати извештај до македонската Агенција за храна и ветеринарство на соодветната програма за следење на производите, во овој случај на икрите од риби од Косово.

Министерот Бектеши истакнал дека оваа мерка не е преземена само за Косово, туку и за сите држави кои ја немаат имплементирано програмата за мониторирање во врска со производите од риба.

Шаља, од своја страна, изјавил дека само откако ќе се укине забраната за косовската риба, може да се укине и реципрочната мерка за увоз на мед и компири од земјава.

Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, денеска во 15 часот ќе одржат прес-конференција во врска со исходот од средбата со Шаља, за трговските мерки што ги воведе Република Косово.