Припитомување на волците Вучиќ и Курти

Двата волка самотника, кои беа неприпитомливи, сега час завиваат по дома на полна месечина, час предат како мачки пред скротувачите од Брисел, Париз или Вашингтон


Не така одамна, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на јавен настап божем го праша новинарот, а всушност, како што е негова вообичаена тактика, им се обрати на Србите со зборовите: Дали сте виделе некогаш припитомен волк? Во циркус има лавови, слонови, тигри, разни диви животни, ама нема волк. Алузијата со неговото презиме и пораката што ја испрати до граѓаните беше јасна.

Нема питом волк што ја забавува публиката под диригентство на некој кловн. Пропагандниот мевлем на рана беше дека претседателот Вучиќ не може да се „припитоми“, да биде послушен и исплашен дотаму да ги исполнува наредбите на белосветските моќници и бирократи за да потпише „капитулација“ и да го прекрши уставот со признавање на Косово. Да, да, да… Уставот во кој сѐ уште Косово и Метохија е српска територија од близу 10.000 кврадратни километри и околу два милиони граѓани на Србија. Тоа му доаѓа територија колку речиси половина Македонија и исто толку жители.

Многу е веројатно дека претседателот Вучиќ не го знае, но сигурно инстинктивно го чувствува значењето на презимето на премиерот на Република Косово, Албин Курти, што, исто така, во превод би било волк. Зборот курт значи волк. Само до пред еден месец на српско-косовската територија имаше два волка самотника кои се неприпитомливи и кои веќе ја имаат одбележено својата територија со која неприкосновено владеат. Волците ја бележат својата територија со урина за точно по мирисот да одредат до каде е нивно. Од тие гранични нишани понатаму никој не смее да влезе без нивна дозвола. 

Така беше до пред две недели. Но, нешто се смени преку ноќ. Наеднаш, скротителите наместо камшик применија сосема друг метод на припитомување со понуда која не може да се одбие. Сега двата волка самотника час завиваат по дома на полна месечина, час предат како мачки пред скротувачите од Брисел, Париз или Вашингтон. 

Историски пресврт на презимењаците

Во тек е историски пресврт, кога два инцидента на историјата, како што се презимењаците Вучиќ и Курти кои никако не можат да се согласат по речиси ниту едно прашање, веќе го имаат прифатено Предлогот на ЕУ, ама наводно без потпис, како олеснителна околност пред своите домашни инквизитори. Германско-францускиот предлог аминуван од Американците, ако не и издиктиран, веќе е заведен како предлог на ЕУ, како што изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Тоа е Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за кој веќе нема да се разговара, туку ќе се разговара за деталите околу неговата примена.

Обелоденетиот Договор меѓу Србија и Косово целосно правно и политички припаѓа на категоријата како да е склучен меѓу две држави, иако е озаглавен како меѓу две договорни страни. Така Србите од медиумите дознаа дека Договорот во десет точки предвидува Србија да не се противи на членството на Косово во која било меѓународна организација, член 4 од Договорот. Тоа подразбира членство на Косово во ОН, во ЕУ, во НАТО или која било друга организација. Во замена за тоа, Србија обезбедува нецелосно дефинирана заштита на правта на Србите во Косово без спомнување директно на некаква Заедница на српските општини на Косово, со тоа што двете страни ги потврдуваат обврските за спроведување на сите претходни договори каде е содржана и обврската за заштита на Србите на Косово со високи права на локалната самоуправа еднаква на земјите во Европа. 

Другите членови од Договорот ги регулираат нормите на добрососедски односи врз основа на еднакви права, признавање на граници, царински контроли и слично, а споровите да се решаваат по мирен пат. Двете страни ја прифаќаат и обврската меѓусебно да ги подржуваат аспирациите за членство во ЕУ. Предвиден е и посебен пакет на финансиска поддршка. А со член 7 од Договорот се обезбедува високо ниво на заштита  на српското верско и културно наследство на Косово во согласност на правилата  на ЕУ. И толку. 

На домашен терен – силен политички земјотрес 

Тоа се начелата за кои нема веќе да се водат расправи со ЕУ, но на домашен терен одекна силен политички земјотрес од 10 степени мерено по скалата Вучиќ-Курти. Експлозијата е особено силна во Србија, бидејќи во главите на луѓето со години е всадувано дека нема попуштање – Косово е српско и така ќе остане за навек. Наеднаш, без никаква подготовка на јавноста таа фатаморгана се симна и се виде трагичната реалност која ја одредува иднината на Србија.

Претседателот Вучиќ сега прави салто мортале прескокнувајќи го сето тоа што го посеа цели 10 години во главите на сите Срби, како и неговите претходници цели 20 години. Не го даваме Косово и ни педа од српската територија, беше главниот слоган на сите негови победи. Тоа многу придонесуваше, а по многумина беше и пресудно за победа на Српската напредна партија на Вучиќ на сите избори во текот на цела деценија. 

Трагикомично изгледа прешалтувањето на целата таа медиумска – досега невидена – груба  пропаганда од таблоидна, телевизиска и интернет синергија, која урива сѐ пред себе, во нешто што сака да се претстави во европски дух, да се повикува на реалноста дека Косово е изгубено и дека сега веќе не е најважна територијата, туку правата на Србите на Косово, заштитата на српските цркви, манастири, светилишта и споменици. 

Припитомувањето на волците се продава како голем историски успех што конечно навистина може да биде и тоа, но без лаги дека тоа е производ на мудрата политика и непопустливост пред притисоците. Александар Вучиќ сега се соочува со десницата од каде и произлегува. Добро ја знае опасноста која му се заканува и по живот кога е во прашање чувствителноста на темата Косово. Денеска практично во Србија не постои релевантна лево ориентирана демократска политичка партија, или некаков либерален центар кога е во прашање Косово. Сето тоа е крајно десно. Најевропски испаднаа напредњаците и радикалите на Вучиќ и Шешељ. Што се вели, човек и да види да не верува. 

Ако можат Србите и Албанците, можат и другите

Или, како што оцени во порталот „Пешчаник“ универзитетскиот професор Владимир Илиќ:  „Чекам две верзии на новиот (по дефиниција колаборационистички ) проглас до српскиот народ. Едниот ќе го потпишат четниците кои се на власт, а другиот четниците кои се во опозиција“. Илиќ вели дека на Србија ѝ е потребен нов Димитрие Туцовиќ, а на Албанците им се потребни наследници на Синан Хасани и Али Шукрија. Нема изгледи дека ќе се изнедрат, било кај едни, било кај други, или пак дека ќе бидат прифатени. 

На 18 март Албин Курти и Александар Вучиќ ќе стасаат во Охрид со своите европски ментори. Домаќин им е Македонија и премиерот Димитар Ковчевски. Познавачите на состојбите во таканаречениот Западен Балкан велат дека Македонија не случајно е избрана за првата рунда разговори во делот на импелементација на Договорот. Пресвртот во Србија и на Косово може да изврши пресудно влијание во целиот регион. Воспоставување на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, крајно деликатна состојба која далеку ја надминува и сложеноста на односите меѓу Македонија и Грција, ги прави полесно решливи сите други прашања меѓу проблематичните соседи. 

Ако можат Србија и Косово да се договорат и да најдат заеднички прифатливо решение за територијални, безбедносни, историски и идентитетски прашања, тогаш односите меѓу Македонија и Бугарија барем во делот на продолжување на преговорите со ЕУ, би требало да бидат решливи ако не се употребуваат како адути за предизборна партиска пресметка.

Бугари, Хрвати, Црногорци и Евреи дополнително во Уставот заедно со сите други конститутивни народи и етнички заедници – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци нема да промени ништо ако во суштина ова е една историска преодна фаза на Македонија кон целосно граѓанско општество, кога една идна европска генерација тоа ќе го соопшти, наместо набројувања на национални припадности во една реченица, како што е тоа случај во повеќе држави со граѓански устави во светот: Македонија е држава на сите граѓани кои живеат во неа со еднакви права.

Она што опозицијата во Македонија покрај јасните барања за предвремени избори треба да го приопшти на јавноста е дали ако ја освои власта ќе ги изврши уставните промени, или ќе ги жртвува и овие генерации граѓани на Македонија да чекаат подобри решенија во односите со Бугарија. А со тоа да се одложи за повеќе години членството во ЕУ. Или пак се подготвуваат истото ова што сега е договорено меѓу двата соседа да го прифатат и да го продадат како свој  голем успех. Многу опасна авантуристичка и шарлатанска пресметка, која може да предизвика катастрофални последици доколку западен Балкан изнајде решенија и стаса во ЕУ без Македонија.  

(Линк до колумната во Дојче веле овде