Припадник на Службата за имиграција застрелал и ранил маж во главниот град на Тексас


Припадник на Службата за имиграција и царинска контрола на САД (ICE) застрелал и ранил маж во Остин, главниот град на сојузната држава Тексас, соопштија локалните власти.

На местото на инцидентот набрзо се собрале демонстранти на протести против активностите на Службата.

Мажот чиј идентитет не е соопштен, е хоспитализиран во тешка, но стабилна состојба, откако бил застрелан еднаш во пределот на торзото, изјави началничката на полицијата во Остин, Лиза Дејвис, на прес-конференција со градоначалникот и други градски претставници.

Министерството за внатрешна безбедност, во чиј состав е ICE, немало свој претставник на прес-конференцијата и не се огласило по однос инцидентот.

Дејвис уште посочила дека полицијата не учествувала во операцијата во Остин ниту во пукотницата, што се случила по проверка на возило.

Градоначалникот на Остин, Кирк Вотсон, кој е член на Демократската партија, побара полиција да се вклучи во истрагата за да се обезбеди „независен увид“ во процесот. Вотсон оцени дека не би било соодветно ICE самостојно да ја спроведува истрагата.

„Жителите на Остин имаат право да се чувствуваат безбедно во својот град“, рече Вотсон. Според него, темелната истрага само ќе ја зголеми довербата.

Дејвис изјави дека сè уште не знае која е националноста на застреланиот маж. Началничката на полицијата додаде дека во оваа рана фаза располага со малку информации, но дека специјалниот оддел на полицијата за истраги е на местото на инцидентот.