Принуден одмор или отстуство поради виша сила: Кои услови се бараат


Фото: Б. Грданоски

Во врска со интересот на јавноста за надоместоците на работниците на плата, министерството за труд и социјална политика информира дека Законот за работните односи со членот 112 ги дефинира случаите кога на работникот му се исплатува надоместок на плата.

Согласно одредбата, работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство, а висината на надоместокот е различен за различни ситуации. Во ставот 10 од член 112 е предвидено, во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70 проценти од платата и тоа најмногу до три месеци во тековната година.

Ова значи дека во услови на намалување на прометот, намалување на обемот на работа, работодавачот има потреба и право на реорганизација на работниот процес со цел да не дојде до отпуштање на вработените, при што дел од вработените можат да ја реализираат работната обврска, а работниците кои не можат да обавуваат работни обврски, или пак е намален обемот на работата кај работодавачот, истите можат да го користат институтот – принуден одмор.

Во случај на потреба од користење принуден одмор, работодавачот е должен на работникот да му се издаде соодветно решение, обврска која е предвидена согласно член 112 став 10 од Законот за работните односи, како и да му плати надоместок на плата од 70 проценти од платата за период до три месеци во тековната година.

Надоместокот на плата за време на принуден одмор е утврден и во Општиот колективен договор за вработените во приватниот сектор од областа на стопанството (член 32).

Со истиот член од Законот за работните односи, член 112, став 7 е превидено ако работникот нема можности да ја врши работата поради виша сила, а за да не настане престанок на работниот однос, работодавачот може да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата.

Во Законот не се пропишани други услови и дефинирање на поимот виша сила.

За поимот „виша сила“, во правната литература е познато дека настанува од надворешни влијанија кои не можат да се предвидат, не може да се избегнат или отстранат од страна на работодавачот.

Со други зборови, оваа ситуација не зависи од волјата на субјектот на кој настан истиот би можел да влијае.

Согласно наведеното, а имајќи ги предвид неколкуте одлуки на Владата, со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД – 19, потребно е истата ситуација да се смета како виша сила. Во тој случај, за да не престане работниот однос на работниците, работодавачот може да ја користи одредбата од членот 112 став 7 и на работниците за периодот додека не постојат можности за работа (поради одлуките на Владата) да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата.

И во двата случаи на примена на наведените одредби од Законот за работните односи, интерес имаат и работниците и работодавачите. Со тоа работниците ги задржуваат работните места, а работодавачите ќе имаат можност да ги користат мерките на Владата за различните видови на поддршка под различни услови и критериуми утврдени со соодветните уредби со законска сила.

Во ваква ситуација, сите подеднакво, во рамките на нашите можности треба да придонесеме за справување со проблемот, вклучувајќи го и предизвикот за опстанок на пазарот на трудот, се вели во соопштението од владината прес-служба.