Принцот Хари: Убив 25 Талибанци во Авганистан


Принцот Хари во своите мемоари тврди дека убил 25 луѓе додека бил на воена должност во Авганистан, за време на неговата втора турнеја како пилот на хеликоптер Апачи.

Војводата од Сасекс ова тврдење го изнел во своите мемоари, кои се уште не се официјално објавени, но протекоа и случајно се пуштени во продажба во Шпанија. Леташе во шест мисии кои резултираа со „одземање човечки живот“, со што ниту се гордее, ниту се срами, пренесуваат британските медиуми од неговата биографија.

Во жарот на битката, Хари не размислуваше за своите 25 жртви како „луѓе“, туку за „шаховски фигури“ кои беа отстранети од таблата, објави Телеграф. Ова е првпат 38-годишникот да открие колку талибански борци убил за време на воениот рок.

Принцот Хари служеше во армијата 10 години, напредувајќи до ранг на капетан и служејќи два пати во Авганистан. Тој рече дека по враќањето во базата, гледал видеа од секое убиство бидејќи камерата поставена на носот на неговиот хеликоптер ја снимала секоја мисија.

„Војниците обично не знаат колку непријатели убиле“, вели тој, но „во ерата на хеликоптери ‘Апачи’ и лаптопи“ можел да каже „точно“ колку луѓе убил.

„И ми се чинеше важно да не се плашам од тој број. Значи мојот број е 25. Тоа не е број што ме исполнува со задоволство, но ниту се срамам од тоа”, пишува тој.

Во „жарот и збрката на битката“ тој ги гледал бунтовниците што ги убил како „негативци кои биле елиминирани пред да можат да ги убијат добрите“, пишува Телеграф. „Не можете да убиете некого ако го гледате како личност, но војската ме обучи да го гледам како „други“ – и тие добро ме обучија“.

Дел од причините зошто не се чувствува виновен што одземал животи, вели тој, е тоа што никогаш не престанал да ги гледа вестите за нападите на 11 септември во Њујорк, а подоцна се сретнал со семејствата на жртвите за време на посетата на Америка. 

Во својата биографија, тој се осврна и на инцидентот кога се облекол како нацистички војник на забава, за која вели дека е „една од најголемите грешки во неговиот живот“, а на која го убедиле неговиот брат Вилијам и принцезата Кејт.