Принцот Едвард во Националната филхармонија: Екологијата и образованието во фокусот
Принцот Едвард , грофот од Весекс (55), по средбата со претседателот Пендаровски, а пред средбата со пратениците во резиденцијата на британската амбасадорка во Македонија, денес, во Националната филхармонија присуствуваше на настанот што ги прикажа врските меѓу Велика Британија и Северна Македонија во образованието, животната средина, уметноста и модата. Домаќини му беа министерот за надворешни работи Никола Димитров и британската амбадорка во Македонија, Рејчел Галовеј.
Во присутво на новинари и претставници на невладини организации, високиот гостин од британското кралско семејство, се интересираше за проектите за почисто, помодерно и поурбано Скопје , поддржани од британската амбасада во Македонија како и за колекциите од текстилен отпад, на 8 млади дизајнери, под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, кои лани беа дел од проектот #Sustainablestorymk, во рамки на Моден-викенд-Скопје, со подршка од Британскиот совет во Македонија.
Принцот Едвард е најмалото од четирите деца на Кралицата Елизабета и на принцот Филип-Чарлс, Ендрју и Ана, десети во редот за наследство. Од 1999 година е оженет е со Софи Рajс-Џонс и имаат две деца.
Ова е втора посета на принцот Едвард на Македонија. Тој во 2006 година ги отвори новите простории на британската Амбасада.
Принцот Едвард е на турнеја низ регионот. Претходно ја посети Словенија, а денес, по Македонија ќе отпатува во Хрватска.
Македонија ја посетиле и други претставници на кралското семејството.
Во 1998 година, во рамки на источноевропската турнеја, Македонија (Скопје и Охрид) ја посети и британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, кој се сретна со тогашниот претседател Киро Глигоров, а во 2012 година, Македонија ја посети принцот Мајкл од Кент, придружуван од висока бизнис делегација, кој се сретна во Скопје со тогашниот претседател Иванов и премиер Груевски.
Л. Сабит
Фото: Б. Грданоски