Принцот Џорџ тргна во престижниот колеџ Итон, го испратија гордите родители


Лондон – Принцот Џорџ, најстариот син на принцот и принцезата од Велс, го започна своето образование на престижниот колеџ Итон во вторник. 13-годишниот принц беше придружуван на својот прв ден од неговите родители, принцот Вилијам и Кејт Мидлтон. Семејството пристигна во Итон, поранешното училиште на Вилијам во Беркшир, и покрај дождливото време, пишува Пејџ сикс.

Принцезата од Велс носеше темнозелен фустан и црни потпетици, а се заштити од дождот со црн чадор. Принцот Вилијам избра црно одело со сина вратоврска. Принцот Џорџ беше облечен слично бидејќи сè уште не е должен да носи официјална училишна униформа.

Семејството беше насмеано и си муабетеше пред камерите додека пристигнуваа. На влезот во зградата беа пречекани од директорот на училиштето Сајмон Хендерсон и Сер Николас Колриџ, гувернерот на Итон, кои се ракуваа со сите.

„Добредојдовте“, му рече директорот Хендерсон директно на Џорџ, пред да додаде: „Среќно и уживајте“. Помладите деца на Вилијам и Кејт, принцезата Шарлот и принцот Луис, не беа присутни. Тие одат во училиштето Ламбрук во близина на Аскот.

Традиција на Итон
Со запишувањето во Итон, принцот Џорџ ја продолжува семејната традиција. Неговиот татко, принцот Вилијам, одел во истото училиште од 1995 до 2000 година. Тој исто така пристигнал во Итон на 13-годишна возраст, во придружба на неговите родители, принцезата Дајана и тогашниот принц Чарлс, кои во тоа време веќе живееле одвоено.

Братот на Вилијам, принцот Хари, исто така бил ученик во Итон, од 1998 до 2003 година. Кенсингтон Палас потврди во јуни дека Џорџ ќе оди во Итон.

Колеџот Итон е интернат за момчиња во Беркшир, основан во 1440 година, и е најголемиот интернат во Англија. Пред Итон, принцот Џорџ одел во училиштето Ламбрук со својата сестра и брат, а пред тоа, тој и принцезата Шарлот биле ученици во училиштето Томас Батерси во Лондон.