Принцот Чарлс излезе од изолација и се чувствува добро


Англија– Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс излезе од самоизолација, која ја воведе самоиницијативно откако резултатите од тестирањето му покажаа дека е позитивен на новиот коронавирус.

Принцот од Велс, кој е на 71-годишна возраст, се чувствува добро, изјави негов портпарол.

Тој ќе продолжи со своите работни обврски и ќе започне со физичка активност според препораките на лекарите. Кај него беше дијагностицирано дека е носител на коронавирусот и се придржуваше кон владините инструкции, изолирајќи се седум дена. Принцот Чарлс имаше лесни симптоми на Ковид-19.

Неговата сопруга Камила (72), исто така, се подложи на тестирање за коронавирус, чии резултати беа негативни, но и таа се самоизолира. Двајцата се наоѓаат во дворецот Балморал, во Шкотска.