Принцезата Беатрис се омажи на тајна церемонија во Виндзор


Англија- Принцезата Беатрис (31) се венча на приватна церемонија вчера, во присуство на нејзината баба, кралицата Елизабета Втора, соопшти Бакингамската палата.

Беатрис се омажи за италијанскиот финансиер Едоардо Мапели Моци (37) во Кралската капела на сите светци во Виндзор.

Се почитуваа мерките за заштита од Ковид-19, се вели во соопштението од палатата.

Беатрис, ќерката на принцот Ендру и неговата поранешна сопруга Сара Фергусон, првично планираше да се омажи на 29 мај но церемонијата беше одложена поради пандемијата.

Потоа го смени датумот на свадбата поради поврзаноста на нејзиниот татко со скандалот на милијардерот Џеф Епстајн кој подоцна се самоуби во затворот.

Фотографиите од церемонијата се уште не се објавени.

Семејствата на младенците се познаваат многу години. За двојката се вели дека започнале врска откако повторно се сретнале на свадбата на сестрата на Беатрис, принцезата Јуџин.

Ендру и Сара, кои се во добри односи и покрај нивниот развод во 1996 година, во времето на свршувачката на Беатрис рекоа дека биле „воодушевени“ од вестите.

Нивната помлада ќерка Јуџин се омажи за Џек Бруксбанк во 2018 година.

Ова е втор брак за младоженецот кој од претходниот има син.