Прилепското стопанство преброди турбулентна година, допрва очекува големи предизвици


Прилепското стопанство, како и македонското, ги носи со себе последиците од пандемијата. Првата половина од годината беше катастрофална, побарувачката беше на минимум, но во второто полугодие како да се кренаа бариерите, констатираат стопанствениците. Од прилепската Регионална стопанска комора велат дека, во глобала, прилепското стопанство покажало одредена стабилност соочувајќи се со пандемијата и последиците.

Според Ирена Јакимоска, претседател на прилепската Регионална стопанска комора, очекувано, најголемите последици ги трпеа текстилниот, угостителскиот сектор, мебело-производтвото и помалите фирми. Поголемите, а тука се и странските инвестиции во Технолошко-развојната зона „Алинци“ се снајдоа и дури вработуваа.

-Последиците очекувани, но секако, огромен предизвик за стопанствениците. Но, во глобала, може да кажам, по консултацијата со менаџерите, прилепското стопанство покажа одредена стабилност, што во вакви услови, е за поздравување. Особено значајни беа странските инвестиции во технолошко-развојната зона Алинци каде имаше и зголемување на работната сила. Секако, тешко им беше на текстилните, на угостителскиот сектор, на компаниите за мебел што го зеде данокот, вели Јакимоска.

Сашо Наумоски, менаџер на прилепската прехранбена индустрија вели дека катастрофалното прво полугодие некако се надомести во второто. Планирањето е претпазливо.

– Се соочивме со страшен пад за побарувачката, не само за прехранбени, туку и за другите производи. Првите шест месеци беа катастрофално лоши. но, потоа, како регионот да се отвори, се отворија традиционалните балкански пазари, успеавме да надоместиме и се надевам дека годинава ќе ја завршиме на ниво на минатата година. Неблагодарно е за планирањето, зашто не знаеме до каде ќе биде пандемијата. Очекуваме јануари да биде месец за „прекршување“ на состојбите. Стигнува вакцината. Посакуваниот пораст е двоцивфрен, но сме резервирани и со надежи. Апсолутно е пожелна поддршката од државата. Ова ни е втора година во очекуваните поддршки од Агенцијата за странски инвестиции за поддршка на извозот. Многу ќе ни значи соработката со странските инвеститори, за сите вработени да ја почувствуваат стопанската клима, вели Наумоски.

Гордан Бошкоски од градежната индустрија вели дека во пандемијата се изострија недостатоците. Годината ја оценува како една од најтешките. Во градежништвото остануваат проблеми, а екстремно тешко е да се стигне до градежна дозвола.

– Ова е огромен проблем. Ако требаше за три дена, до градежна дозвола не може да се стигне за три месеца. Имаме проекти и ако не може да ги реализираме, не може да платиме комуналии, а трпи заедницата. Администрацијата е проблем и апелирам тоа да се надмине, вели Бошкоски кој смета дека ќе може да се носат со состојбите наредната година, зашто имаат свој, акумулиран, капитал.

За прилепската Регионална стопанска комора наредната 2021 ќе биде голем предизвик. Неочекувано пораснаа берзанските цени на репроматеријалите што може да ги зголеми цените на производите. За стопанствениците од Пелагонискиот регион од клучно значење е инфраструктурата и прашуваат до каде е експресниот пат до Скопје.

-Наредната година, Европа многу ќе ги бара добавувачите од овие, балкански простори, особено со експанзијата на Кина во стопански поглед. Прашање е колку ќе може да се носиме со предизвикот. И треба да излеземе на крај со можно зголемување на цените поради репроматеријалите чија цена на берзите последиве два месеца необјасниво порасна. А државата може да помогне со поддршка во образовен, технички, технолошки развој. Но, една од најбитните компоненти е современата инфраструктура за да го овозможи транспортот на стоките и услугите. Пелагонискиот регион е еден од најзначајните за стопанските текови во државата, смета Јакимоска.