Прилепското обвинителство ја бара документацијата за новороденчето од болницата


Прилепското основно јавно обвинителство интензивно работи на предистражните дејства по отворениот предмет за случајот со новороденчето, кое на 27 октомври се роди здраво во прилепската градска болница, а по три дена поради тешко дишење беше префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје каде по една недела почина од сепса.

Според основниот јавен обвинител Стевчо Биноски, предметот е отворен по пријавата на родителите, а обвинителството ја бара целата документација за случајот од болницата и од клиниката.

– По пријавата на родителите ги зедовме нивните изјави за случајот, а тие ни ја доставија целата нивна документација. Го презентираа случајот, а во меѓувреме ја побаравме документацијата од прилепската болница и од киниката од Скопје. Дали и кој ќе повикаме да даде исказ ќе зависи од документацијата, изјави Биноски.

Директорката на прилепската градска болница, Кети Смилеска информира дека го исчекуваат барањето и секако ќе ја достават документацијата. Во меѓувреме болничката комисија за интрахоспитални инфекции побара вонреден надзор од двете одделенија – гинеколошкото и неонатолошкото и земени се брисеви.

– Од Центарот за јавно здравје од Прилеп се земени брисеви од сите предмети во одделенијата, како и од персоналот и се чекаат резултатите, како и по надзорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Документацијата е на располагање на обвинителството, изјави Смилеска.