Прилепските училишта и градинки ги спроведуваат упатствата од МВР


Прилепските училишта и градинки почнаа да ги спроведуваат упатствата од МВР за евентуални дојави за поставени бомби. По вчерашниот состанок на училиштата и градинките со претставници на прилепската полиција се спроведуваат упатствата, а кога ќе ги добијат написмено ќе ги информираат и наставниците и родителите.

-Со новите протоколи, во моментот, ако има дојава, без да се прави паника, се врти на дежурниот број што ни го има дадено полицијата и се соопштува веднаш. Должни се во рок од 5 минути да дојдат, да го пребараат училиштето со претставникот од соодветното училиште. Нема да има соопштение за да им се соопшти на наставниците, туку само на полицијата. Остануваат сите во училиштето и смирено се пребарува. Наводно, дојавите имаат три фази: зелена, жолта и црвена. Зелената значи дека е лажна дојавата и по првата проверка, без паника, наставата продолжува. Жолтата е доколку се пронајде сомнителен предмет. За секое училиште има веќе назначено претставник од полицијата да биде во близина. Од училиштето и Министерството за образование се преземени сите можни дејства – од промена на електронски адреси, службени соопштенија, но, во секој случај, главна улога имаат упатствата на МВР, објаснува Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“.

Училиштето уште за време на пандемијата има приватно обезбедување и сметаат дека е поголемо чувството на безбедност.

Христина Трпческа, директорка на градинките „Наша иднина“ од Прилеп, потврдува дека ги спроведуваат упатствата од МВР, а и од Министерството за труд и социјална политика. Укажува на тоа дека на вчерашниот состанок имало реакции од присутните дека дел упатства се малку нелогични.

– Ги применуваме упатствата, деновиве чекаме и написмено да ги добиеме. Од Министерството за труд и социјална политика спроведуваме повеќе укажувања, меѓу кои и промената на електронсите адреси. На вчерашниот состанок од присутните имаше реакции дека е нелогично и се чувствуваат несигурни да останат во објектот додека е проверката и потоа да продолжат понатаму. Ова го велам и како директорка и како родител, изјави Трпческа.

Досега во пет прилепски основни училишта имаше, како што се констатира, лажни дојави за поставени бомби.

Наставата во прилепските основни и средни училишта се одвива непречено.