Прилепските стопанственици се борат да ги одржат компаниите


На стопанството му требаат преструктурирање и државна помош, велат од Регионалната стопанска комора

Како да се крене на нозе стопанството? Во ситуација од опасноста од заразата со коронавирусот да ги затвори фабриките, работодавците на работ на опстојувањето да ги испуштат работниците и кога работниците не знаат што би правеле во ситуација на принуден одмор?

Првите примери на околу 2.000 работници на привремена „пауза“ зашто имало заразени од коронавирусот во Прилеп го вклучија алармот. Станува збор за текстилна фирма и за компанијата „Гентерм“ од развојно-технолошката зона „Алинци“, која вработува околу 1.900 работници. Дел фирми, како превентивни мерки, извршуваат комплетна дезинфекција, дел погони, со работниците, се на принуден одмор. Но нема отпуштања, уверуваат прилепските компании.

Текстилната индустрија, индустријата за мебел се во незавидна ситуација. Прилепската компанија „Дени-мебел“ со погони во Прилеп и со подружници во Скопје и во Охрид произведува мебел за угостителството и за институциите: градинките, училиштата. Но со вонредната ситуација, пропадна работењето. Сега едвај се преживува.

– Ситуацијата е алармантна. Со над 80 вработени, 40 отсто се на принуден одмор, зашто нема работа, нема репроматеријали. Не ги остваруваме трошоците за кирија и секојдневните потреби. Ги прифаќаме мерките на Владата за минимална плата на вработените, но тоа не ја решава ситуацијата, вели Тони Златески.

Моменталната ситуација со пандемијата на Ковид-19 не го одминува ни Мермерен комбинат.

– Фактот што работиме на отворен коп во рудникот и во големи производствени хали во фабриката за нијанса нè прави можеби помалку изложени на ризикот од вирусот додека сме на работните позиции. Во моментов производствениот процес се одвива со мали отстапувања од планот, но во полн обем. Притоа строго се придржуваме до препораките на Министерството за здравство и Владата. Што се однесува до пласманот, во моментов е многу слаб, пред сѐ, поради спецификата на продажбата на нашиот бренд Sivec®, но се обидуваме да се приспособиме на ситуацијата и да најдеме алтернативни начини на продажба. Континуирано работиме на подготовка на материјал за, кога ќе заврши оваа вонредна ситуација, да сме подготвени да ги услужиме купувачите. Економските мерки на Владата, од денешна перспектива, ние како компанија не сме со намера да ги користиме. Сепак, се трудиме позитивно да гледаме на целата ситуација, дека сето ова ќе заврши најдоцна до крајот на првиот семестар, па оттука и очекуваме да надоместиме дел од загубеното во втората половина на годината. Во овој момент, целта ни е да работиме со полн капацитет, со надеж дека ситуацијата ќе го дозволи тоа. За нас заштитата на работните места на сите наши вработени и обезбедувањето редовни месечни примања, особено во оваа тешка ситуација, се од исклучително значење, вели Јасна Ажиевска Петрушева, извршна директорка на Мермерскиот комбинат од Прилеп.

Извозните компании со проблем зашто пласманот е ограничен. Прилепската компанија „Бимфуд“ за преработка и пласман на зеленчук и овошје, како и печурки, има проблеми зашто производството е, главно, наменето за италијанскиот, шпанскиот и за францускиот пазар.

– Се трудиме она што го имаме да го пласираме. Сега е пробивот на германскит пазар, но има проблеми. Сè уште ги користиме ресурсите. Не размислуваме за намалување на вработените, но нам владините мерки не ни одговараат, вели Милан Бичанин од прилепски „Бимфуд“.

Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора во Прилеп, смета дека секоја компанија и дејност има различни проблеми.

Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора во Прилеп

– Доколку разговараме за одржливоста на компаниите, треба да се имаат предвид областа и профилот на производството. Некои дејности и компании имаат зголемена активност и профит, некои не може да состават „крај со крај“ и се на работ на егзистенцијата. Еве, ние во „Комфи Ангел“ работиме со 50 отсто од капацитетите и главни цели ни се одржливоста на компанијата и ликвидноста. Постојат, за жал, компании што во овој период не функционираат. Проблемот е токму кај нив, за да најдат начин да ја одржат компанијата „во живот“. Тоа е прво, за да може компанијата да се адаптира и да функционира и да придонесува за себе и за општеството, вели Јакимоска.

Јакимоска смета дека најбитна е финансиската помош за тие компании. Битно е компаниите да постојат за по кризата да го продолжат функционирањето.

– Најбитно е да има, би рекле, „замрзнување“ на тие компании, за потоа да може да го продолжат процесот на функционирање. Битно е да не генерираат трошоци. Во овој момент главниот фокус треба да ни биде на одржливоста на компаниите и нивната ликвидност. Се надевам дека за брзо ќе има преструктурирање. Најпогодени се компаниите со производи што не се од клучно значење во ситуацијава. Една од нив е текстилнта индустрија. Сега не се купуваат текстилни производи. А тука се и компаниите за производство на мебел. Целта во овој момент е населението да троши, да се зголеми потрошувачката. Не секогаш решението е во помошта од државата, објаснува Јакимоска.

Јакимоска смета дека во најлоша позиција се услужните дејности.

– Рецептот сметам е дека овие фирми да бидат во овој период во мирување, а вработените на некој начин да бидат преземени од државата.

Најбитно е преструктурирањето на стопанството.

– Сè додека не се преструктурираме, нема да се вратиме во, условно речено, „нормална ситуација“, иако не знаеме што е дефиницијата за нормално. Битно е да се преструктурираме и да имаме доволно време за работа. Главно, сметам дека прилепското стопанство функционира. Двете фабрики (текстилната и компанијата „Гентерм“) не се затворени, туку се времено затворени зашто се дезинфицираат. Не е запрено производството, иако извозот е отежнат. Отежната е работата, но во овој момент е битно да се одржат компаниите.

Повикувам да нема паника и сите заедно да го надминеме овој критичен период, смета претседателот на Прилепската регионална стопанска комора.

Според македонскиот синдикат, здравствената преминува во криза на пазарот на трудот. Нема да се толерираат подметнувањата на работодавците за отказ.

Прилепските дуќанџии, пак, со реакција и барање мерки без условувања. Велат во прашање е опстојувањето на околу 700 дуќани во градот, кои вработуваат по неколку работници.

– Сетот мерки што ги донесе Владата донесе услови кои работодавецот мора да ги исполнува воопшто не ни се од полза. Напротив. Мислиме дека само ќе се одложи нашето пропаѓање. Затоа бараме мерки без условување и да се однесуваат на: исплата на плати за март, април, мај на секој вработен за кои досега се плаќани придонеси, без оглед дали е основач, управител или работник. Мораториум за 2020 година на аконтациите за ДДВ, да се замрзнат кредитите во деловните банки, да не се пресметува камата во тие месеци и да им се остави време на трговските друштва да се приспособат по кризата. Неповратни средства од 3.000 до 5.000 евра за набавка на стока. Мерките да важат до завршувањето на кризата. Бараме од закупниците да нè ослободат од кријата овие кризни месеци, а помош во кредити кои не може да ги враќаме е неиздржливо за нас. Владата да земе предвид дека како мали и микрофирми повеќе од 25 години сами придонесуваме и со одреден процент го полниме буџетот. Без поддршка од Владата ќе ги затвориме фирмите и ќе одиме под Заводот за вработување и да искажеме граѓанска непослушност, изјави Мариче Најдоска, стопанственик од Прилепската чаршија.

Во секој случај, на стопанството му е потребна владина инјекција да преживее.