Прилепските советници не го прифаќаат извештајот за безбедносната состојба во Прилеп за првото полугодие 2022 година


Прилепските советници не даваат зелено светло на извештаите на полицијата за безбедносната состојба за минатата 2022 година. Ниту за полугодишниот, ниту за годишниот извештај.

Според претседателот на советот Дејан Проданоски, отсуствува сериозноста за чувствително прашање кога градот се соочи со зголемено полициско присуство и со привремена управа во полицијата. Освен тоа, командирот на полицијата, вели Проданоски не се појавувал да го образложи на седница, а тоа го сторил само на вчерашната седница, но не одговорил на ниту едно прашање.

– Во тоа прво полугодие од 2022 година имаше сериозни нереди, нарушување на безбедноста на сообраќајот, нарушување на јавниот ред и мир, одреден број запалени возила, имаше голем број масовни тепачки, имаше и привремена управа во полициската станица и специјални единици кои имаа задача да ги вратат редот и мирот во градот. Правевме неколку обиди точката за безбедносната состојба ја поставувавме на дневниот ред на советот, но не присуствуваше командирот на полициската станица. На последната седница присуствуваше командирот, но само немо ја проследи информацијата за безбедносната состојба за првото полугодие лани. Не даде ниту коментар на извештајот ниту одговори, зашто имаше повеќе советнички прашања, изјави Проданоски.

За советот е несфатливо што нема одговори на прашањата кои ги поставиле советниците до командирот на полициската станица.

– За таква состојба во која живеевме, добивме формални извештаи. Имаше прашања за тоа што направиле да се подобри ситуацијата, за тоа дека имало учесници од полициската станица во меѓусебна тепачка, дека полициски службеници биле инволвирани во транспорт на мигранти и дека биле фатени во полициска акција во соседна Грција. Но, на ниту едно прашање не добивме одговор, рече Проданоски.

Од СВР Битола не ги коментираат одлуките на прилепскиот совет и само констатираат дека прилепската полициска станица своите активности ги насочи кон спречување, идентификување и откривање на сите форми на криминалитет, обезбедување на стабилен јавен ред и мир и обезбедување на нормално одвивање на сообраќајот.

– Во текот на 2022 година зголемена е ефикасноста на расчистувањето на кривичните дела за 4% во однос на претходната година, при што се поднесени 380 кривични пријави против 467 сторители, а против 26 лица од судија била одредена и мерка притвор. Во областа на јавниот ред и мир, има намалување на вкупниот број прекршоци за 9 проценти во однос на претходната година, а се поднесени вкупно 255 барања за поведување на прекршочна постапка против 369 сторители. Во областа на сообраќајот, лани бележиме намалување на бројот сообраќајни незгоди за 3,5 насто, а значително намалување има и во бројот на сообраќајни несреќи со потешки последици, и тоа, намалување на сообраќајните незгоди со загинати лица за 25 проценти, а со тешки телесни повреди за 45 отсто во однос на претходната година, соопштуваат од СВР Битола.