Прилепскиот „Пивофест“ од 18 до 21 јули, со Влатко Стефановски трио и „Фрајле“


Од 18 до 21 јули во Прилеп по 17-ти пат ќе се одржи традиционалниот Фестивал на пивото и на скарата – „Пивофест“. Четирите фестивалски дена ќе донесат голем број посетители и новини со што ќе се збогатат содржините на оваа, една од најголемите летни манифестации, препознатлива на Балканот, соопштија денеска на прес-конференција организаторите: прилепската локална самоуправа и агенцијата „Баги комуникации“ од Скопје.

Според градоначалникот Илија Јованоски, „Пивофест“ ќе се одржува во центарот на градот, зашто анкетата со граѓаните и институциите покажа дека тоа е најдобрата, најсигурната и најфреквентната локација со најсоодветна инфраструктура.

На Фестивалот ќе има преку 20 штандови и се ќе биде поставено на површина од 4.131 метар квадратен.

-Оваа година ќе биде поразлично и побогато. Ќе има повеќе пиварници и поразлична програма преку целиот ден, ноќта, се до раните утрински часови. Музиката и програмата ќе биде за сите генерации и за сечиј вкус за Фестивалот да биде подобар и поразличен од досега. Нема да има огномет, а средствата за тоа ќе бидат пренаменети во добротворни цели, за Здружението на лекувани алкохоличари, рече Јованоски.

Владимир Мандичевски од агенцијата „Баги комуникации“ која со години организира настани и манифестации во и надвор од државава нагласи дека програмата ќе донесе голем број познати изведувачи.

– Голем предизвик е да се организира ваков Фестивал кој има 16-годишна традиција и до Белград е регионално најголем, а е и во врвот на најголемите македонски фестивали. Програмата е конципирана за сите генерации, со посебен акцент на локални и наши групи изведувач. Направен е избор на различен вид музика со гости од целиот регион. Во четврток, на 18 јули, ќе настапат „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе заврши со настапот на рок-групата „Галија“. В петок, на 19 јули, се Ален Хасановиќ, Миле Кузманоски, Кантурови и Светлана Ражњатовиќ-Цеца. Во сабота на 20 јули термините се резервирани за „The Hounds“, Влатко Стефановски-трио, Фрајле и за Тамара Тодевска, а последната вечер, на 21 јули, недела, настапуваат „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Белград кој изведува џипси рок низ цел свет, Сања, Маринко и Зец ќе ги пеат песните на групата „Нови Фосили“ и на крајот „Cyrillic“, објаснува Мандичевски.

„Пивофрест“ претендира да биде водечки во регионот, како туристичка атракција.

-Има барања од туристички агенции од Скопје и досега најава на гости од Грција и од Бугарија, а допрва очекуваме најави на посетители. Ќе се организира и посета на сиот дипломатски кор во земјава. Направени се контакти со Стопанската комора на Македонија, со прилепската регионална комора и со македонската туристичка комора. Пиовофест од годинава мора да влезе во понудата на туристичките агенции и работиме Прилеп да стане регионален центар на Фестивалот на пивото, рече Мандичевски.

Јана Јанеска од локалната самоуправа наброи богата алтернативна програма во сите денови на Фестивалот.

-Ставаме акцент на алтернативните настани како можност да се издигне Фестивалот на повисоко ниво за да се развијат креативниот туризам и креативните индустрии. Ќе има и сервис за посетителите за информации за сите достапни институции, како хотелите, хостелите, рестораните, службите на Итна помош, на Полицијата,. ќе има штанд за „изгубено-најдено“, ќе има „Пејн-бол – арена“ достапни 24 часа, се воведува игра „Пивопол“ во вечерните часови пред почетокот на главната програма, за прв пат ќе има активна детска зона, преку денот ќе има летна забава во „Аквапаркот“, а во паркот на Револуцијата пак ќе биде активна „кампинг-зоната“ за сите кои ќе кампуваат на Фестивалот, а за младите во ноќите до раните утрински часови ќе има алтернативна програма на камената бина на плоштадот „Александрија“. За време на Фестивалот, со познатото „Вовче“ ќе има презентација на културните знаменитости на Прилеп, рече Јанеска.

Мотото на Фестивалот е „За добра мисла“. Буџетот кој го одвојува локалната самоуправа за „Пивофест“ е 2,5 милиона денари за покривање на авторските хонорари на учесниците. Како и лани цената за паркинг-простор е 50 денари.