Прилепскиот комбинат започна со откуп на тутунот од „Далија табак“


Големи гужви уште од пред зори пред откупниот центар на „Сокотаб“ во Прилеп

Надминат е главниот проблем со обезбедување на амбалажа. Прилепскиот комбинат на свој трошок обезбеди амбалажа од „Далија табак“

 

БИТОЛА – Прилепскиот тутунски комбинат од денеска започна со откуп на тутунот од кооперантите на „Далија табак“ откако беше обезбедена амбалажа.

Според изјава на Кире Станкоски, директор на Прилепскиот комбинат, откупот почна денеска на откупни пунктови во Радовишко, каде дваесеттина кооперанти веќе го предале договорениот тутун. Во изминатиот период кооперантите на „Далија табак“ реагираа дека немаат картони да го однесат тутунот на вагите, па настана разногласие дали картоните треба да ги обезбеди Прилепскиот комбинат, кој ги презема договорените количини тутун од „Далија табак“ или пак кавадаречкиот откупувач треба да ги обезбеди картони бидејќи тој им дал и семе на тутунарите да го насадат тутунот.

„Ние се јавуваме како спасители на ситуација за на тутунарите да не им пропадне родот. По сила на закони семето им го даде ‘Далија табак’ и тие треба да ја обезбедат амбалажата. Значи ние пративме шлепер во Кавадарци на наш трошок ги зедовме картоните и ги однесовме во Радовиш на откупен пункт. Значи, тутунарите со договорите од ‘Далија табак’ веќе од денес имаат амбалажа и можат да се задолжат за да го предадат тутунот. Веќе откупивме тутун од дваесеттина тутунари“, изјави за „Независен“ Кире Станкоски, директор на Прилепски тутунски комбинат.

Откупот на тутунот од кооперантите на „Далија табак“, ПТК го врши на пет откупни пунктови во радовишкиот регион. Станува збор за 440 тони тутун, кои Прилепскиот комбинат ги презема во целост откако кавадаречкиот откупувач не почна со откуп на тутунот поради финансиски проблеми.

Големи гужви и денеска има на сите откупни пунктови во државата. Тутунар од Прилеп вели дека повеќе од 10 часа чека пред откупен центар на „Сокотаб“ во Прилеп и не може да го предаде тутунот.

„Од три часот сме пред ‘Сокотаб’, голема гужва, врне, студи, ама чекаме, не можеме да стасаме на ред зошто некои тутунари со врски носат тутун преку ред. Дали ќе успеам денес да го предадам не знам, ако не, останувам овде до утре“, вели Менде, тутунар од Прилепско.

За лошиот тек на откупот на тутунот денеска реагираа и од Иницијативниот одбор на тутунари од ФБ групата „Тутунари на Македонија“ кои ги предводеа протестите на тутунарите во Прилеп и Скопје.

„Сведоци сме дека работите на терен имаат тенденција да се влошат, паѓа откупната цена, а опаѓа и динамиката на откупот од 750 тони на ден откупен тутун се намалува на 600 тони тутун“, вели Игор Мирчески од Иницијативниот одбор.

Поради ваквата состојба ИО бара итна средба со откупувачите, министерот за земјоделие Аријанит Хоџа, како и присуство на премиерот Зоран Заев.

„Купувањето по шифри на терен продолжи и доби позасилен интензитет, одбитоците повторно земаат нагорна линија, договорот со ‘Далија табак’ прерасна во проблем околу амбалажата. На крај, откупната линија станува сѐ потврда и поригорозна. На сите овие случувања Сојузот на тутунарски здруженија немо си молчи и не реагира, а е најповикана институција да нѐ заштити бидејќи ги користи нашите средства. Заради сите овие настани ИО донесе едногласна одлука да го повика министерот на итна средба со откупувачите, на која го повикуваме и премиерот да присуствува, бидејќи тутунарите се оставени сами на себе во оваа реколта и никоја од институциите не им излезе во пресрет во нивна заштита“, стои во соопштението на Игор Мирчески од ИО на „Тутунари на Македонија“.

Од пред Нова година МЗШВ иако вети не информира дневно за откупот на тутунот, па засега нема точни податоци колку тутун е откупен и по која цена.

Минатата недела од Сојузот на тутунарски здруженија побараа откупот да се интензивира и да се откупува и во сабота. Но засега нема одговор од откупувачите дали и за викенд ќе ги отворат вагите. Пријавувањето на вишокот на тутун е во тек и ќе трае до 5 февруари, така што тутунарите вишокот можат да го пријават во ПЕ на МЗШВ или кај поверениците на откупните пунктови. (А.Б.)