Прилепската гимназија доби нов покрив и фасада, до 1 септември очекува реновирани училници


Вложуваме во децата, во младите и во образованието и во пандемиска година вложивме околу 1 милијарда денари за подобри услови во образовниот процес што е за 2,5 пати повеќе од 2020 година, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ и на прилепската гимназија „Мирче Ацев“.

Ковачевски, заедно со министерот за образование Јетон Шаќири и официјално ја пушти во употреба целосно реновираната прилепска гимназија пред почетокот на второто полугодие со физичко присуство. Воедно, стартот на второто полугодие го одбележаа и со значајните вложувања во ОУ „Кире Гаврилоски-јане“ кое по 60 години за првпат доби спортска сала.

Во прилепската гимназија која целосно се реконструира се вложени речиси 39 милиона денари, а во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, околу 30 милиона денари. Според Ковачевски, подобрите услови во образованието ја најавуваат нашата грижа за децата и за младите.

-Ја пуштаме во употреба зградата на гимназијата која е гордост на образованието во Прилеп. Честа е поголема ако се знае дека наставата почнала во далечната 1948 година за што вчера Гимназијата одбележа голем јубилеј. Денеска зградата е целосно реконструирана и енергетски ефикасна со четири нови простории, а изведени се и сите потребни услови за учениците со попреченост. Преку проектот на Министерството за животна средина обезбедена е нова котларница за самостојно затоплување на објектот. Со сите овие зафати, гимназијата „Мирче Ацев“ станува современ образовен објект кој ја продолжува традицијата на успешно образование во Прилеп и во државата, рече премиерот.

Тој додаде дека сите овие инвестиции во образовните објекти во Прилеп, како и во десетици објекти низ земјата се реализирани со над 1 милијарда денари  во текот на 2021 година.

-Тоа се за 2,5 пати повеќе средства во споредба со 2020 година и иако стануваше збор за година на светска здравствена и економска криза. Токму оваа зграда на гимназијата и на ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и спортската сала која е изградена во ова основно училиште, за првпат по 60 години, покажуваат две работи: едната дека за време на првите бранови на пандемијата кога учениците мораа да посетуваат он-лајн настава, времето го искористивме да ги реконструираме и да изградиме подобри услови за образованието на учениците, и, втората работа дека оваа влада силно се заложи да обезбедиме квалитетни услови за образование, но и енергетски ефикасни објекти кои штедат енергија и ја чуваат животната средина. Владата и министерството за образование и наука продолжуваат со ваквиот влог и во 2022 година, зашто, исто така, се обезбедени над една милијарда денари буџетски средства, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот информира дека со директорот на гимназијата веќе разговарале да продолжат и со третата фаза.

-Овде во гимназијата ќе бидам комплетно задоволен пред крајот на годината кога ќе имаме и внатрешно уредување на сите училници. Со овие инвестиции вложуваме во човечкиот капитал, во децата, во младите, во нашата сегашност и во нашата иднин, изјави Ковачевски.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на учениците и на наставниците им посака успешен почеток на второто полугодие со физичко присуство.

-Градежните работи се завршени и Гимназијата е подготвена за почетокот на второто полугодие со физичко присуство на учениците и на наставниците. Министерството за образование и наука со инвестиција од речиси 39 милиона денари во овој објект, спроведе сериозни градежни зафати со кои целосно ја модернизираше училишната зграда. Гимназијата доби целосно нов надворешен изглед со нова, енергетски ефикасна фасада и со ново внатрешно уредување. За овие работи се одвоени 23, 2 милиона денари, а претходно со инвестиција и од 14, 4 милиона денари, рече Шакири.

Дополнително, додаде, во ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Министерството во изминатиот период инвестираше околу 30 милиона денари за целосно нова спортска сала Салата е опремена со сите потребни реквизити за сите спортови.

-Министерството за образование останува силен партнер на локалните самоуправи во реализацијата на проектите и процесите во образованието. Тоа е од најголем интерес за децата, за младите и, воопшто, за развојот на државава. На учениците и наставниците од Гимназијата им посакувам успешен почеток на второто полугодие и верувам дека подобрените услови за настава ќе им бидат дополнителен мотив за постигнувањето подобри резултати. Се надевам дека со доследно почитување на мерките за заштита, сите ќе останеме во добро здравје и оваа учебна година ќе ја завршиме со отворени училишта, изјави Шаќири.

Како што објаснува директорот на прилепската Гимназија, Диме Настески, оваа образовна институција доби современи услови за настава, а до крајот на годинава, според најавата и на премиерот и на министерот за образование, да заврши и третата фаза со целосно внатрешно уредување.

– Од постоењето на гимназијата првпат доаѓа премиер на држава. Гимназијата не можеше да добие подобар подарок, зашто на 30 јануари во 1948 година започна со настава. Ги завршивме двете од трите фази на целосната реконструкција на гимназијата, за првпат од постоењето на зградата. Првата фаза беше реализирана минатата година. обновен е покривот, а годинава во втората фаза се реновираше фасадата според сите енергетски прописи, потоа дограмата, дел од подрумскиот простор каде се добиени четири нови простории за унапредување на кабинетската настава и за првпат се поставени санитарни јазли за ученици со посебни потреби како и лифт и платформа на влезот за нивните потреби. Покрај средства од владата, добивме средства и од локалната самоуправа за реновирање на кабинетот по математика, за реконструкција на атмосферската и друга канализација, како и за партерното уредување. Со премиерот разговараме и за третата фаза која опфаќа целосно преуредување на училниците и внатрешноста на објектот. Се надеваме тоа да го завршиме до први септември, до почетокот на новата учебна година, рече Настески.

На одбележувањата и во прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ и во Гимназијата „Мирче Ацев“ не присуствуваше актуелниот, туку, беше поранешниот градоначалник на Прилеп.