Прилепчанката Јакелиќ со безгранична љубов за своите и за згрижените деца


За празниците е најрадосна. И за католички, и за православен Божик. И за Нова Година. Прилепчанката Соња Јакелиќ го „светна“ домот. За своите четири деца, за четирите внуци и за двете деца згрижени во нејзиниот дом. А низ годините ги имала барем десетина згрижени.

Соња Јакелиќ веќе 20 години згрижува деца без родителска грижа. Досега, дел од нив го нашле својот пат во родителските семејства, дел се оспособиле самостојно да живеат.

Соња веќе 17 години слави два Божика. На православниот го додаде и католичкиот Божик, преку сопругот Хрват, воено лице. Низ годината имаат разделби по месец и повеќе, ама за двата Божика се сите заедно.

– Католички Божик го славам веќе 17-та година. Откако сум во брак со Хрват-католик со кого имаме две малолетни дечиња. Значи, ние, празничните прослави ги почнуваме на 25 декември, од католичкиот Божик. И, славиме за Нова Година и за православен Божик, на 7 јануари, го почнува Соња разговорот во нејзиниот топол дом.

Во прославите на католичкиот и православниот Божик разлика речиси нема, вели Соња. Само во деновите. Атмосферата е секогаш иста. Се оди во црква, се слави и сите се заедно на божикната трпеза. Без разлика дали е католичка или православна.

Трпезите за Бадник, се знае, се посни.

– За Бадник е исто. И за двете трпези, спроти католички или православен Божик. Јадењата се посни. Вечерта се јадат посните јадења, се оди на миса за католички Бадник, спроти Божик. Одиме заедно со децата. Славењето, желбите, посакувањата се исти. Веруваме во Христовото раѓање. Исто. И католици и православни, вели Соња Јакелиќ и додава дека и за католички и за православен Бадник, палат бадниково дрвце.

Хрватите и католиците на трпезата ја преферираат рибата „бакалар“. Тоа е сушена риба и е многу вкусна кога ќе се зготви. Мојата свекрва во Хрватска секогаш ја готвеше и беше дел од главното мени на трпезата. За нас православните тоа е новитет. А инаку, вообичаени на трпезата се: посната сарма, костенчињата, бадемчињата, сувите смокви и сите посни јадења, објаснува прилепчанката Соња Јакелиќ.

Божикните трпези се со мрсни јадења. За католички Божик има одредени специфични специјалитети, како што е за православен Божик. За да не бидат исти, Соња се труди ручекот за католички и за православен Божик да биде нешто поразличен.

– Хрватите за католички Божик преферираат печени прасиња. А за православниот Божик, главно „мени“ е „сармата на баба Гоца“. Тоа е мојата мајка. Мајка ми сармата ја приготвува традиционално и сите велат, најубава е и највкусна. Сопругот многу добро готви, па тој ни ја приготвува највкусната „турли тава“ за православниот Божик. Се шегуваме дека очигледно сака да се покаже пред „бабата“ на православен Божик, низ смеа вели Соња.

Се почитуваат сите наши традиционални и верски обичаи. Во црква, секогаш се сите заедно. И за католички, и за православен Божик.

– Иако често сме разделени низ годината, секогаш, се трудиме, барем по еден месец. во континуитет. да сме заедно. Сопругот мора да е на служба во Хрватска, а јас со нашите и децата згрижени во семејството сме во Прилеп. Ама за празниците сме заедно. Едно е неменливо: за 25 декември и за 7 јануари сопругот е присутен на трпезата, заедно со сите нас во домот во Прилеп. Сите заедно ги славиме и католичкиот и православниот Божик, вели прилепчанката Соња Јакелиќ.

Семејството така функционира повеќе од 10 години. Уште некоја година, вели копнежливо Соња, сопругот ја завршува воената служба во Хрватска и постојано ќе биде со нив во Прилеп, во Македонија. Со нивните и со згрижените деца. При една средба, сопругот на Соња, срамежливо ни спомена дека прво се чудел на желбата на Соња да згрижува деца. Сега, нагласува, е бескрајно радосен и емоционално исполнет.

Соња има две деца од претходниот и уште две од вториот брак. Половината православни, другата половина – католици. Ако на тоа се додадат згрижените деца,  чувството за исполнетост е големо.

– Сите функционираме заедно. Нема никакви проблеми, туку има само неизмерна радост од заедништвото. Тука се и двете деца згрижени преку Центарот за социјални работи од Прилеп. Мојата ќерка многу се грижи за децата, сигурно ќе биде, можеби, социјален работник, зашто обожува да се грижи за нив. Па и за сите нас. Во нашиот дом има огромна љубов, емпатија и безрезервна поддршка. Сите меѓусебно се почитуваме, вели Соња.

Прилепчанката Соња со радост објаснува дека ги почитува сите вери во светот. Космополит е. Своето семејство го смета како големо и среќно. Не ги двои децата. Сопствени и згрижени. Зашто за 20 години, згрижила 10-тина деца. Тие потоа ја нашле својата среќа, или кај биолошките родители, или како изградени личности со свој животен пат.

-Пред сѐ, мојата вера е таа која ме гради како личност. И, едноставно е- ако ја сакаш и ја почитуваш својата вера, ќе ги почитуваш и другите. Ние сме големо и среќно семејство. Јас ја исполнив својата мисија во овој живот. Го проширив своето семејство, помогнав на деца кои се без родителска грижа, го отворив својот дом и направив топло, семејно катче, исполнето со радост. За многу деца, вели радосната Соња Јакелиќ од Прилеп.

Го напуштивме, би рекле, скромниот дом на Соња, на мајка и Гоца, на нивните и згрижените деца во Прилеп. Чувството на спокој и позитивност ќе го чуваме за сите празници. Особено што Соња ја испрати својата порака.

-Сакајте за да бидете сакани. Подарете ја среќата зашто тоа е најголемата љубов и поддршка во животот, одекнуваат зборовите на прилепчанката Соња Јакелиќ, која го живеее својот живот исполнет со радост, несебична љубов за своите и децата кои ги згрижува и им нуди веќе две децении топол дом.

Елизабета Митреска