Прилеп добива Центар за е-услуги – сместен спроти Општината


Фото: Б. Богдановска

 Со одбележување на Денот на безбеден интернет преку интерактивни активности во прилепското Основно училиште „Кире Гаврилоски -Јане“ го завршуваме големиот проект за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од дигитална Европа и од Европската Унија, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во Прилеп на одбележувањето на Денот на безбеден Интернет.

Тој информира дека учениците денеска на интерактивен начин ќе се забавуваат, ќе учат, ќе дискутираат, ќе презентирааат што значи тоа да се биде побезбеден на интернет, како да се биде повнимателен, кога да се користат дигиталните алатки, на што треба да се внимава. 

– Ова, како министерство го организираме во рамките на еден голем европски проект за воспоставување на Центарот за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од дигитална Европа и од Европската унија. Ова е еден од последните настани со кој го завршуваме овој проект и во очекување сме на целосно воспоставување на Центарот кој ќе има своја линија на која ќе  може да се јавуваат млади луѓе родители, наставници за тоа како да се справуваат со недостатоците на Интернет, како да им помогнат на младите, изјави Андоновски.

Андоновски рече дека Прилеп е на мапата од 14 градови во земјава со отворање Центар за е-услуги.

-Во Прилеп обезбедивме да го отвориме Центарот за е -услуги, спроти Општината каде е местото познато за плаќање даноци и такси. Таму ќе биде канцеларијата на Министерството за дигитална трансформација. Сите услуги кои се нудат на националниот портал, сите граѓани на Прилеп, без да отвораат сопствен профил, ќе може да ги користат. Нашите вработени ќе отворат профил за да ја добијат услугата која ја бараат граѓаните, вели Андоновски.

Според прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски потребна е родителска контрола за децата да имаат побезбеден интернет, а од денеска, практично е отворен и Центарот за е-услуги.

-Нова информација е дека тој Центар за е-услуги во Прилеп од денеска почнува да работи и граѓаните да може брзо, без проблеми да ги добијат услугите кои ги бараат, изјави Проданоски.