Пријавувањето на библиотеки за донација на книги од „Матица македонска“ трае до петок


До петок (7 август, 23.59 часот) трае пријавувањето на јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, преку кој „Матица македонска“ ќе подари фонд од 35 книги на една библиотека, во рамките на програмата „Зад датумот – овој Илинден, Македонија се чита“. На јавниот повик може да се пријават училишни и локални библиотеки и јавно достапни библиотечни фондови, а библиотека може да предложи и секој што е запознат со нејзините потреби. 

Пријавата треба да содржи: име и населено место на библиотеката; институција во чиј состав работи; приближен број и возраст на корисниците; краток опис на постојниот библиотечен фонд; области во кои најмногу недостигаат книги и контакт на одговорно лице. Пријавите и предлозите треба да се пратат на [email protected] Избраната библиотека ќе биде објавена на 12 август 2026. 

-Изборот нема да се врши преку јавно гласање, ниту според бројот на допаѓања и споделувања на социјалните мрежи. Ќе се разгледуваат реалната потреба на библиотеката, бројот и возраста на нејзините корисници, јавната достапност на фондот и можноста книгите редовно да се читаат, позајмуваат и користат. Фондот од 35 книги нема да биде однапред составен. Насловите ќе бидат избрани според потребите на библиотеката, возраста и интересите на нејзините читатели и состојбата на постојната збирка. Тој може да опфати изданија за Илинден, македонската историја и државност, македонскиот јазик, фолклорот, книжевноста, уметноста и културното наследство, како и книги за ученици и помлади читатели, соопшти издавачката куќа.

Иницијативата „Каде недостигаат книги за Македонија?“ се реализира во годината во која „Матица македонска“ одбележува 35 години од основањето, во рамките на книжевно-културната програма „Зад датумот“, под слоганот „Овој Илинден, Македонија се чита“.