Пријавување за Биеналето на цртеж на „Остен“ до крајот на мај, главните награди за творештвото на Рембрант и Џозеф Кошут
Џозеф Кошут од САД (1945), уметник и теоретичар, пионер на концептуалната и инсталациската уметност е добитник на Гран-при за животно остварување на Остен Биеналето на цртеж „Скопје 2022“, а на творештвото на славниот холандски уметник од 17 век Рембрант ван Рејн му е доделена наградата „Светско културно наследство“, која „Остен“ им ја доделува на уметници кои се починати, а чии дела имаат големо влијание врз историјата на светската уметност.
Ова се две главни награди на Биеналето на цртеж на „Остен“ и се предложени од Советот на амбасадори на „Остен“ составен од професионалци, уметници кои биле наградени со Гран-при за животно дело. Претставници на „Остен“ ќе му ја врачат Гран-при наградата на Кошут на 24 април во Венеција, на отворањето на Венециското биенале.
Организаторите на Остен Биеналето на цртеж денеска на прес-конференција ги соопштија лауреатите на двете главни награди и информираа и за активностите за Биеналето. Координаторката на ОБЦ 2022 Ангела Костова рече дека отворениот повик е во тек и до 31 мај 2022 година заинтересираните може да се пријавуваат електронски. Таа ги повика сите македонски уметници да се пријават за учество на оваа манифестација заедно со автори од цел свет чии апликации, како што рече, им стигнуваат секој ден.
За наградите за уметниците кои ќе учествуваат на Биеналето ќе одлучува меѓународно жири под претседателство на Ларс Керулф Молер, куратор и поранешен директор на музејот „Борнхолмс“ од Данска. Официјалната програма ќе почне во септември и ќе трае до завршниот настан кој ќе се одржи во галеријата Чифте амам каде што ќе бидат врачени наградите на ОБЦ 2022.
Во меѓувреме, „Остен“ ќе ја организира програмата „Привју“ за претставување на веќе пријавените уметници. Таа ќе почне на 17 март со самостојна изложба на Марија Павловска која твори во земјава и во САД. Ќе следуваат изложби и на Камелија Отеро од Франција, Билјана Јевтиќ од Србија, Лидија Пероти од Италија, Клио Влаху од Грција…
На прес-конференцијата „Остен“ го презентираше творештвото на авторите на кои им се доделуваат главните награди. Извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска за Џозеф Кошут рече дека е меѓу најзначајните современи уметници, чии дела постојано ја истражуваат улогата на јазикот и неговото значење во уметноста.
Концептот по којшто е познат Кошут од 1960-тите години е дека вредноста на уметничкото дело не треба да биде во објектите што ги содржи, туку во идејата. На изложбите тој претставува одреден објект (стол, ламба, чевел….) заедно со фотографија од објектот во неговата оригинална големина и дефиниција од речник што претставува прикажаниот објект.
– Тоа е пресвртница во развојот на западната уметност и го почна правецот кој потоа се препознаваше како концептуална уметност. Неговото повеќе од 40-годишно истражување за односот помеѓу јазикот и уметноста има земено форми на инсталации, изложби, дела во јавни простори и публикации низ Европа, Америка и Азија, вклучувајќи учества на седум изданија на „Документа“ и на осум изданија на Венециското биенале, од кои во 1993 година беше претставник на Павилјонот на Унгарија, рече Конеска за Кошут, за кого типичен материјал со кој создава уметнички дела е неонот. Кошут е автор на повеќе инсталации во вид на реченици/извадоци од текст во јавен простор, има активност на професор на разни универзитети, добитник е на многу престижни награди и живее на релација Њујорк – Венеција.
Холандскиот уметник Рембрант, за чие творештво „Остен“ ја доделува наградата „Светско културно наследство“, е сликар, цртач и графичар од 17 век, златното доба на Холандија – кога Холанѓаните го достигнале зенитот на својата моќ во светот.
Рембрант се смета за еден од најголемите визуелни уметници во историјата на уметноста. Карактеристика му се раскошните потези со четката, богати бои и мајсторство во техниката на користење драматичен контраст на светло и сенка. Има создадено повеќе од 600 слики, меѓу кои е и најпознатата и колосална по димензиите – „Ноќна стража“, над 2000 цртежи и околу 300 графики, а познат е и по неговите над сто автопортрети.
Две графики на Рембрант се во колекцијата на „Остен“: „Портрет на Јан Ујтенбогерт“ (или „Проповедникот на бунтовниците“) од 1635 година и „Портрет на Јан Аселин“ од 1647 година. хс/дма/