„Пријави ја твојата песна” на конкурсот за наградата „Милан Младеновиќ”


Член во регионалното жири од Македонија е Кирил Џајковски

Фондацијата „Милан Младеновиќ” распиша конкурс за наградата што го носи името на легендарниот белградски и југословенски рок музичар и фронтмен на групата Екатарина Велика.

Конкурсот за наградата „Милан Младеновиќ 2021”, под слоганот „Пријави ја твојата песна” е отворен од 1-ви до 30-ти јуни годинава.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да ја поттикне музичката креативност, која се карактеризира со вредностите својствени на неговото уметничко наследство. Се доделува за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија на церемонија на 21 септември – денот на раѓањето на Милан.

Право на аплицирање имаат автори од сите земји од некогашна Југославија, со песна чиј текст е напишан на еден од јазиците што се зборуваат на поранешните ЈУ простори, вклучувајќи ги и јазиците на малцинствата.

– Еден автор или група автори можат да достават само една песна на конкурсот
– Песните што се натпреваруваат за наградата треба да бидат објавени во периодот од 1-ви јули 2020 година до 30-ти јуни 2021 година
– Апликациите можат да ги достават автори, изведувачи или издавачи преку образецот достапен на веб-страницата на Фондацијата – milanmladenovic.com.
– Натпреварот завршува на полноќ на 30-ти јуни 2021 година.

За годинашната победничка песна ќе одлучува регионалното жири составено од Дамир Урбан (Хрватска), Кирил Џајковски (Северна Македонија), Иван Феце Фирчи (Србија), Катарина Епштајн (Србија) и Зоран Стајчиќ (Хрватска). Стручното жири најпрво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивната компилација во продукција на фондацијата Милан Младеновиќ, а добитниците ќе бидат наградени со парична награда во износ од 2.000 евра.

Милан Младеновиќ , гитарист, текстописец и композитор, е еден од основачите на култните бендови Шарло акробата, Катарина II и Екатерина Велика, како и на групите Лимоново дрво и Angel’s Breath.

Роден е во Загреб на 21 септември 1958, а почина во Белград од рак на панкреасот на 5 ноември 1994 година.с