Пријавени загинати и повредени ширум Украина во најновите руски напади


Најмалку пет лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во руски напади врз повеќе делови на Украина, соопштија денеска официјални претставници.

Две лица загинаа во главниот град Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Тој на Телеграм соопшти дека најмалку 22 лица се повредени како последица на руските напади.

Русија повторно го нападна Суми во североисточна Украина. Имаше удари на четири локации во градот, соопшти воениот гувернер Олег Григоров. Погодени се станбена област и цивилна инфраструктура, при што едно лице е повредено.

Едно лице загина во синоќешните напади во Харков, во источна Украина, изјави градоначалникот Ихор Терехов, а неколкумина се повредени. Во градот Изјум во регионот на Харков, осум лица биле повредени во нападите, соопштија властите. Гранатирањето предизвикало и прекини во снабдувањето со електрична енергија во неколку населби.

Едно лице загина во населбата Кушухум во североисточниот украински регион Запорожје, изјави воениот гувернер Михајло Семикин.

Во регионот Одеса на Црното Море, Русија нападна товарен брод што пловел под знамето на Антигва и Барбуда, соопшти гувернерот Олег Кипер. Украинскиот капетан на бродот загинал, а остатокот од екипажот бил евакуиран откако пожарот бил изгаснат. Русија исто така двапати во краток временски интервал нападна магацини за лекови, предмети за домаќинството и храна, додаде тој.

Руското Министерство за одбрана претпладнево соопшти дека е нападнат магацин во околината на Киев, кој се користел за делови за производство на дронови, како и фабрика за производство на оружје.

Во Одеса, руските сили нападнаа три логистички центри со воена стока и стока со двојна намена за украинските вооружени сили. Цел на нападите беше и магацин за компоненти за дронови во овој регион. Министерството исто така го потврди нападот врз бродот, наведувајќи дека пловилото превезувало воена стока за Одеса.

Информациите од двете страни не може да бидат независно потврдени, нагласува ДПА.

Украина повеќе од четири и пол години се брани од руските сили со западна финансиска и воена поддршка.