Пријава против маж од Зајас кој организирал борби со кучиња


Во текот на октомври 2023 година, полицијата извршила разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани.

Од СВР Охрид информираат дека е известен надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, во СВР Охрид, како што соопштија од таму, досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но апелираат до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица.

Додаваат дека СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица, организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.

Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени.