Пријателски рекет од милион евра


Милано виа Скопје. Видео и аудио-снимката од домот на бизнисменот Орце Камчев на која, наводно, се гледа како Бојан Јовановски и Зоран Милески изнудуваат од него милион евра (а се осомничени за вкупно 1,5 милиони евра), на чуден начин си го најде патот до Италија. Утрото осамна на електронското издание на италијанскиот дневен весник „Ла верита“.

Многу претпоставки и дилеми се отворија во јавноста околу тоа кој ја доставил снимката од контроверзната средба во домот на редовниот претплатник на листата на Форбс, за која јавноста во Македонија знаеше дека постои и дека е дел од доказниот материјал што го поседува Обвинителството во отворениот предмет „Рекет“. Ја поседува ли само Обвинителството или, пак, постојат неколку копии кои можеби и натаму се во рацете на оштетениот Камчев, но и во посед и на политичко-криминални структури. Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, тврди дека снимката не протекла од Обвинителството.

„Можам да ви кажам дека снимката објавена во италијанскиот весник не е од извор од Обвинителство“, вели Јовески во кусата порака до „Независен весник“.

Тој, како и обвинителката што го води случајот „Рекет“, Вилма Русковска во моментов се надвор од државата поради користење годишен одмор.

Индикативно е што весникот, кој во изминативе години важи за близок до актуелната македонска опозиција, целата афера ја обвиткува во политичка порака – дека аферата го допира врвот на Владата и дека премиерот, Зоран Заев, по ова ќе си поднесе оставка. Притоа весникот пишува дека Заев е поставен за премиер со поддршка од еврокомесарката Фредерика Могерини и Брисел.

„Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева требаше да го гарантира процесот кон ЕУ. Таа ги фаворизираше социјалистите. Нејзината канцеларија е во хаос по обвинувањата за поткуп. Ова е видео од скандалот кој допира до македонскиот премиер, кој беше поддржан од ЕУ и Могерини“, пишува „Ла Верита“.

На видео – снимката се споменува и името на шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева која, според Боки 13 е гарантот за слободата на Камчев во случајот „Империја“. И Јанева во моментов користи годишен одмор и е надвор од државата. Таа вчера не одговараше на нашите пораки.

Од кривично – правен аспект, според познавачите, Јанева не е компромитирана бидејќи се споменува од друго лице. Меѓутоа нејзиното споменување, со оглед дека се работи за висок функционер, е индиција за дополнителни проверки во однос на содржината на разговорот.

„Сериозно треба да се испита и улогата на специјалната обвинителка Катица Јанева, односно дали се случило тоа за што се зборува. Таа, меѓу другото, со нејзината вмешаност во скандалот го компромитира СЈО и го става во незавидна положба целиот тим“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

На прашањето кому оди во прилог целата оваа рашомонијада околу случајот „Рекет“, тој одговара оти за тоа во овој момент е неблагодарно да се зборува, бидејќи допрва ќе треба да се одмотува клопчето.

„Она што сега може да се каже е дека продолжува праксата на излегување на видео и аудио снимки во јавноста, што само докажува до кое дно е стигнато судството и обвинителството односно правосудството во целина. Немаме ни ‘р’ од реформиран систем. Тука не мислам само на актуелните снимки кои во јавноста ги лиферува Ел Чека. Сетете се дека во јавноста протекоа и снимки обезбедени со пим мерки, како таа од средбата на експремиерот Груевски и тогашниот лидер на опозицијата, Заев во премиерскиот кабинет“, вели Давидовиќ.

Извори од СЈО се на исто мнение. Тие за „Независен весник“ велат дека освен тоа што Јанева треба да биде повикана на распит, треба да се истражи и улогата на обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“, без оглед на фактот што Јанева ги потпишува сите решенија. Стефанова во изјава за медиумите рече дека очекува Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај „Рекет“ и оти таа ќе соработува и ќе ги сподели сите работи што ги знае. Стефанова  рече дека не знаела за снимката што ја објави весникот „Ла Верита“ и оти сега првпат ја видела.

„Не само што не сум знаела дека постои ваква снимка, туку сум и згрозена. Очекувам Обвинителството за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај. Јас ќе соработувам и ќе ги споделам сите работи кои ги знам“, рече Стефанова.

Фото: Б. Грданоски

Според обвинителката, истрагата за „Империја“ е поставена на здрави нозе, но со месеци е закочена поради начелното мислење кое го донесе Врховниот суд.

Видео – снимката што ја објави „Ла верита“ започнува со пребројување на парите од извесна жена кои се спакувани во торба која потоа Јовановски и Милевски ја изнесуваат од домот на Камчев. Домаќинот ги испраќа до излезната врата. Симптоматично е што броењето на парите како и рачно напишаната пресметка се снимени со мобилен телефон, а не со безбедносна камера. Според записот двајцата лежерно заминуваат од домот на бизнисменот со милион евра, а познато е дека во случајот „Рекет“ се осомничени за 1,5 милиони евра. Од Обвинителството за организиран криминал рекоа дека парите биле исплатени во два наврата, еднаш 500.000 и еднаш милион евра, како што е евидентирано на снимката. Според извори од истрагата парите се подигнати како позајмица од Банка во која сопственички удел има Камчев, а позајмиците ги даваат други негови фирми.

Самото примопредавање на парите не е документирано. На снимката од мобилен телефон нема датум и час, за разлика од снимката од приватните камери на осомничениот во „Империја“, на која се гледа датумот 20 февруари.

Според тоа средбата на која Камчев, наводно, кешира милион евра се случила додека тој сѐ уште се наоѓа во куќен притвор, односно три недели откако Врховниот суд го донесе начелното правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за истраги за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 година. Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на 5 февруари најави дека сите предмети на СЈО без обвинение поднесено до 30 јуни 2017, каков што е „Империја“, ќе бидат сопрени од Врховниот суд.

Во аудио разговорот,пак, кој не е датиран, Јовановски му најавува на Камчев дека „во понеделник, или најдоцна до вторник ќе биде ослободен од страна на Врховниот суд“.

„СЈО нема да употреби вонредни правни лекови. Нема ништо да употреби. Катица нема да го одолговлекува моментот“, ветува Јовановски.

Апелација го одби Камчев, односно му го продолжи домашниот притвор, но тоа се случи на 7 февруари. Според аудио-снимката Јовановски вели дека Врховен ке му го укине притворот во понеделник, најдоцна вторник. Врховен одлуката за ослободување од куќен притвор ја објавува во понеделник на 4 март, втор понеделник по датумот 20 февруари. Вонреден правен лек на ваквата одлука, СЈО не поднело.На 29 март, Врховниот суд му го укина куќниот притвор и на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков исто за случајот „Империја“.

Адвокатот Давидовиќ вели дека според она што беше вчера објавено не може да се каже дека станува збор за дело „изнуда и рекет“.

„Снимките покажуваат дека некој дома чува милион евра кеш, ги дава тие пари на друг и тој си заминува. Притоа не гледаме дека тој е жртва и дека се работи за изнуда и рекет, туку станува збор за случај во кој некој некому плаќа да му заврши работа и да му издејствува подобра положба во процес што се води против него“, вели Давидовиќ, оградувајќи се оти следните денови можеби ќе го видиме додаток на снименото или, пак, некои други снимки што ќе докажат рекет и изнуда. (Н.К.-Г.А.)