Пријателот на Путин, Алексеј Кудрин, ја напушта државната служба

Поранешниот министер за финансии заминува во рускиот интернет пребарувач „Јандекс“


Владимир Путин и Алексеј Кудрин

 

Поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин објави дека ја напушта функцијата претседател на Комората за ревизија на Русија за да се посвети на приватните работи, пренесува Ројтерс. Познати извори тврдат дека тој ќе оди во „Јандекс“.

Кудрин, кој во текот на неговата кариера се сметаше и за прозападен либерален економист и како пријател на претседателот Владимир Путин, е најновата личност од висок ранг што ја напушти јавната служба од почетокот на руската инвазија на Украина пред девет месеци.

„Поминав 25 години во јавниот сектор“, напиша Кудрин на својот канал на Телеграм. „Сега сакав да се посветам на големи проекти поврзани со приватни иницијативи кои имаат значително влијание врз животите на луѓето“.

Горниот дом на рускиот парламент – Советот на Федерацијата, на утрешната седница се очекува да гласа за предлогот на Кремљ за разрешување на Кудрин од функцијата шеф на Комората за ревизија, пренесува РИА Новости.

Кудрин беше министер за финансии на Русија од 2000 до 2011 година, а по почетокот на војната во Украина, иако близок до Путин, успеа да одржи релативно неутрална и ниска позиција.

Минатата недела, двајцата разговараа за иднината на „Јандекс“на состанок доцна во ноќта, изјавија три познати извори за Ројтерс. Според нив, тој ќе преземе важна функција во компанијата, која минатата недела најави можни радикални промени во раководството и во однос на структурата.

„Јандекс“, кој често се нарекува руски „Гугл“, доминира на пазарот на интернет пребарувачи во земјата. Компанијата беше под притисок од почетокот на војната и мораше да продаде дел од своите активности, како што е сегментот за вести, на државната компанија „Вконтакте“.