Приходите на хотелите на Трамп со големи намалувања во 2020 година


САД–  Приходите од најпознатите хотели на поранешниот американски претседател Доналд Трамп се намалени минатата година кога пандемијата силно ја погоди економијата, се наведува во финансискиот извештај објавен во средата, последниот ден од неговиот мандат.

Хотелот „Трамп Интернешнл“ во Вашингтон заработи 15,1 милиони долари во 2020 година и првите три недели од 2021 година, покажува извештајот на Трамп. Тоа е 62,7 проценти помалку отколку во 2019 година.

Слично е со недвижнините на Трамп во Лас Вегас, чии приходи паднаа за 60,5 проценти на 9,2 милиони долари и со неговиот терен за голф во Флорида, Трамп Национал Дорал, чии приходи се 42,7 проценти пониски – 44,2 милиони долари.

Ретко позитивно салдо е клубот на Трамп, Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, каде што ќе живее откако го напушти Вашингтон. Приходите на одморалиштето, во кое Трамп повремено примаше политички сојузници и странски гости, скокнаа за 13 отсто минатата година на 24,2 милиони американски долари.

Редовниот финансиски извештај што Трамп требаше да го пополни, нуди еден од најкомплетните увиди во финансиите на милијардерот за недвижнини, кој упорно одбиваше да ги објавува своите даночни пријави, и покрај вообичаената практика на претходните претседатели.

Во извештајот на 79 страници, детално е прикажан неговиот удел во компаниите и вклучува и подароци што Трамп ги добил како претседател меѓу нив и појас Ултимејт Фајт од 650 американски долари што го доби од Колби Ковингтон, борец и приврзаник на Трамп.

Во извештајот се вклучени и обврски од компаниите Трамп, вклучително и пет заеми, во вредност од најмалку 50 милиони американски долари. Повеќето од нив доспеваат во следните четири години.