Пригожин го повика министерот Шојгу да оди во Бахмут


 

Основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, побара од рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу да појде во украинскиот град Бахмут во Донбас, каде што во последните месеци се водат најжестоките битки на линијата на фронтот. Апелот на бизнисменот утрото на 12 мај го објави неговата прес-служба.

„Со оглед на тешката оперативна ситуација, како и вашето долгогодишно искуство во борбени операции, ве замолувам да пристигнете на територијата на Бахмут, која е под контрола на паравоените единици на Руската Федерација, и независно да ја оцените моменталната ситуација“, пишува Пригожин.

Во писмото, исто така, се наведува дека платениците на „Вагнер“ во моментов контролираат повеќе од 95% од Бахмут и ја продолжуваат својата офанзива, меѓутоа, на крилата каде што се наоѓаат единиците на руските вооружени сили, „непријателот започна голем број успешни контранапади“.

Ден претходно Пригожин изјави дека единиците на регуларната армија на Руската Федерација кај Бахмут ги губат позициите без борба.

Евгениј Пригожин е во јавен конфликт со руското Министерство за одбрана во последните неколку дена. На почетокот на мај, тој објави видео во кое извикува непристојни зборови кон раководството на руското Министерство за одбрана, барајќи да му обезбеди муниција на „Вагнер“, а потоа се заканува дека неговата група ќе го напушти Бахмут.

На 9 мај, Пригожин рече дека бригадата на Министерството за одбрана побегнала од стратешкото упориште во градот. Истиот ден, во еден од неговите апели, тој спомна извесен „среќен дедо“ од кој зависи иднината на Русија – и кој „мисли дека е добро“, но може да испадне дека е „целосен шупак“.