Пригожин го исмеjува „дедо“ Путин


Видеото објавено вчера од Евгениј Пригожин, основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, ги обнови шпекулациите за несогласувања меѓу руските сили кои се борат во Украина. Основачот на платеничката организација постојано критикуваше високи воени лица, но досега се воздржуваше од директни напади врз рускиот претседател Владимир Путин.

Сега, Институтот за проучување на војната (ISW) во својот редовен извештај наведува дека  Пригожин го искористил Денот на победата за да го „исмее Путин и да го доведе во прашање неговото расудување“. Го споредил со фигура на „среќен дедо“ кој „мисли дека е добар“. Тој потоа поставил реторичко прашање за тоа што треба да направат Русија и идните генерации, односно како Русија може да победи ако „дедото“ се покаже дека е „тотален олош“.

Американскиот тинк-тенк додава дека Пригожин, исто така, „забележал дека неименувани поединци (најверојатно мислејќи на Путин и високи воени функционери) треба да престанат да се шетаат околу Црвениот плоштад“. Институтот смета дека Пригожин речиси сигурно мислел на Путин, кој често го нарекуваат „дедо“ или поточно „дедо од бункерот“.

 

Пригожин претходно по име нападна други високи функционери и офицери, но тоа не го стори во случајот на Путин.

Некои аналитичари сметаат дека Пригожин ја поставил крајната цел да го собори Путин од функцијата претседател на Русија. Андерс Аслунд, експерт за Русија и поранешен економски советник на руската влада од 1991 до 1994 година, рече дека „би било изненадувачки ако Пригожин ја преживее оваа изјава“.