Пригодна емисија и уметнички креации по повод денот на сестринството


Светскиот ден на медицинската сестра и Меѓународната недела на сестринството денес ќе биде одбележан во специфични услови на пандемијата од Ковид-19, но и покрај тоа, ќе се одржат неколку пригодни настани.

Така, Унијата на здруженија предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ со кратка емисија ќе ги одбележат Светскиот ден на медицинската сестра и Меѓународната недела на сестринството.

– Годинава, поради мерките за заштита на јавното здравје, не сме во можност да го одбележиме настанот како и секоја година, но затоа во сопствена продукција реализиравме кратка емисија преку која сакаме да ја искажеме нашата почит кон сестринската професија, се вели во соопштението.

Покрај стримингот на нивната веб страна zanas.mk, eмисијата ќе се емитува и на официјалниот YouTube канал и на нивната официјална Фејсбук страна.

Од Здружението „За нас“ упатуваат благодарност и до сите уметници, музичари и невладиниот сектор кои со свои креативни дела и видео честитки се вклучиле во одбележувањето на Неделата на сестринството. Дел од нив може да се погледнат на линкот: https://www.youtube.com/watch?v=gVEYbHgQNHU&list=PLxTepDdDU4GQQmrHmWisQf7hyarE-IcfF&index=2.

Истовремено, македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин, Црвениот крст на Град Скопје и Лајонс дистрикт 132, денеска, ќе го одбележат Светскиот ден на сестринството со изложба „Цвеќе на хуманоста за медицинските сестри“.

Во 10 часот, Цветин на својот балкон на улица Рузвелтова бр. 4 (Капиштец) ќе ги изложи своите уметнички креации посветени на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС. Слика во димензија од 101 метар со цвеќиња симболично ќе се спушти до дворот пред зградата каде што живее Цветин.

Исто така, Цветин ќе им подари 200 рози на медицинските сестри во чест на Флоренс Најтингел, прва медицинска сестра, која е родена пред 200 години.

Оваа година e прогласена за година на сестринството и 12 мај за Светски ден на сестринството.