Прифатени 8.330 приговори за домашната платежна картичка, се разгледуваат уште 245
Речиси сите приговори за домашната платежна картичка се проверени и се прифатени 18 проценти или 8.330. Лицата се додадени на kupuvamdomasno.gov.mk, банките се известени и ги печатат картичките, објави на својот профил на Фејсбук министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа прецизира дека од над 60.000 пристигнати маил пораки, 46.000 се приговори од граѓани кои сметале дека ги исполнуваат условите согласно поставените критериуми во групата.По извршените проверки од Управата за јавни приходи, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Министерството за образование и наука се прифатени вкупно 8330 приговори. По категории: 4 893 млади лица 16 до 29 години, 752 невработени лица со низок доход, 2 685 вработени лица со низок доход. Вкупната финансиска поддршка која ќе биде доделена на овие лица преку нивните домашни платежни картички изнесува 29 милиони денари.
Според Ангеловска, остануваат за проверка уште 245 приговори од страна на Министерството за образование и наука и 506 приговори од Фондот за здравствено осигурување, кои треба наскоро да се завршат и усвоените приговори да се дадат за изработка на картички на банките.
-Средствата од #купувамдомашно картичките граѓаните може да ги користат до 15ти август во: хотели, одмаралишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалоци, супермаркети, продавници за храна, пиљари, пекари, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки, фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности. производите ќе ги најдете назначени на рафтовите, гондолите или со ознака „Купувам домашно”…, вели Ангеловска.