Прифатени 1.430 пријави за гласање на македонски државјани од дијаспората, рокот завршува на 11 март

Државната изборна комисија (ДИК) досега прифатила 1.430 пријави за гласање на македонски државјани што живеат или се на привремена работа во странство за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април.

Од дипломатските конзуларни претставништва на Северна Македонија, до ДИК пристигнале 1.517 пријави, но прифатени се само 1.430.

Најмногу прифатени пријави има од наши државјани од Венеција 164, потоа од Берлин 151, од Берн -136 и од Мелбурн 80.

Рокот за пријавување на нашинците за гласање во дијаспората завршува на 11 март на полноќ, како и јавниот увид во Избирачкиот список, што е во тек и се однесува на сите граѓани со право на глас.

Македонските државјани на парламентарните избори треба да гласаат на 11 април. Избори во дијаспората ќе се организираат само доколку за гласање се пријават околу 6.700 гласачи и доколку во местата за гласање има пријавено над 10 избирачи.