Преживеаните од холокаустот го осудија тврдењето на Путин за „денацификација“ на Украина

„Не можеме да прифатиме дека овие зборови се оцрнуваат на овој начин“, велат прежиеваните од Аушвиц, Дахау, Бухенвалд


Меморијалниот центар на холокаустот Бабин Јар кај Киев, каде што паднаа руски бомби (Фото: АФП)

 

Водечките групи кои ги претставуваат преживеаните од Холокаустот го осудија тврдењето на рускиот претседател Владимир Путин дека „денацификацијата“ на Украина била една од причините поради кои тој ја нападнал земјата.

„Потписниците на овој апел ја осудуваат употребата на зборовите ‘денацификација’ и ‘геноцид’ за да го оправдаат нападот врз Украина“, се вели во соопштението испратено до АФП во средата.

„Не можеме да прифатиме дека овие зборови се оцрнуваат на овој начин“, се додава.

Изјавата беше потпишана од претставници на комитетите на неколку поранешни нацистички концентрациони логори, вклучувајќи го и Меѓународниот комитет на Аушвиц и оние на Дахау, Бухенвалд-Дора и Равенсбрук.

Потписниците доаѓаат од повеќе од 10 земји.

Во својот говор кој го најави почетокот на руската инвазија на 24 февруари, Путин рече дека една од целите е „денацификација на Украина“.

Тој, исто така, рече дека сака да ги заштити руските говорници во Украина од, како што го нарече „геноцид од режимот во Киев“.

Но, во соопштението на групите се вели дека „војната што се води против Украина го загрозува самото постоење на оваа земја, како и мирот во Европа“.

Исто така, беше забележан и голем број Руси и Украинци меѓу преживеаните.

Во вторникот, израелскиот Центар за сеќавање на холокаустот Јад Вашем ги осуди двете страни во конфликтот за, како што рече, „пропагандистички дискурс“ околу војната.

Изјавите и од Москва и од Киев, се вели, се „полни со неодговорни изјави и целосно неточни споредби со нацистичката идеологија и постапки“.

Меморијалниот музеј на холокаустот на Соединетите држави соопшти дека Путин „погрешно ја претставил и присвоил историјата на Холокаустот со лажно тврдење дека демократска Украина треба да биде ‘деназифицирана’“.

„Подеднакво неосновани и фрапантни се неговите тврдења дека украинските власти вршат ‘геноцид’ како оправдување за инвазијата на Украина“, се додава.

Јад Вашем, еврејски групи и израелски официјални лица, исто така, го осудија рускиот воздушен напад врз Киев што го погоди местото каде што нацистите извршија масакр.

Нападот во вторникот вечерта ја оштети главната телевизиска кула во Киев во Бабин Јар, местото на најголемиот колеж на Евреите во градот во Втората светска војна и место за спомен и аџилак.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој и самиот е Евреин, во средата реагираше со бес на ударот.

„Тие имаат наредба да ја избришат нашата историја. Да ја избришат нашата држава. Да не избришат сите нас“, рече тој.

Во апелот до светското еврејство, Зеленски објави: „Нацизмот се раѓа во тишина. Па викајте за убиствата на цивилите. Викајте за убиствата на Украинците“.

„Сите бевме бомбардирани минатата ноќ во Киев и сите повторно загинавме во Бабин Јар од ракетниот напад, иако светот вети ‘Никогаш повеќе’“, додаде тој.