Трка со времето на спасувачите по преживеани во урнатините

Бројот на загинати надмина 5.000, но тој нема да биде конечен. Преживеаните се смрзнуваат во лошата зимска бура


Спасувачите извлекуваат повредено девојче во градот Јандарис во Сирија (Фото: АФП)

 

Преживеаните сè уште се извлекуваат од урнатините во Турција и Сирија, повеќе од 24 часа по силниот земјотрес што урна илјадници домови, при што загинаа 5.000 луѓе.

Меѓу преживеаните е и 14-годишно момче со црно око, кое се чини дека беше свесно додека спасувачите го носеа на носилки до брзата помош во јужниот турски град Караманмараш.

„Конечно! Тој е спасен“, рече репортерката на Си-Ен-Ен, која го пренесуваше

Додека спасувањето на момчето дава трошка надеж дека другите ќе ги преживеат условите на замрзнување, бројот на загинати продолжува да се зголемува додека екипите за пребарување се движат по блокираните патишта, оштетената инфраструктура и силните последователни потреси за да стигнат до погодената област.

Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала се случи во понеделникот нешто по 4 часот по локално време, испраќајќи потреси на стотици километри наоколу и создавајќи зони на катастрофа од двете страни на границата меѓу Турција и Сирија.

Еве што знаеме:

Каква е ситуацијата во Турција?

Во Турција, најмалку 3.381 лице загинаа, а неколку илјади се повредени, изјави шефот на службите за катастрофи на земјата, Јунус Сезер на прес-конференција во понеделникот вечерта.

Последователните потреси продолжуваат да го тресат регионот, создавајќи тешки услови за спасувачите и преживеаните – драматично видео прикажува згради како се уриваат неколку часа по првичниот земјотрес, испраќајќи купишта прашина во воздухот додека луѓето бегаат врескајќи.

Временските услови и размерите на катастрофата го прават предизвик за екипите за помош да стигнат до погодената област, рече турскиот министер за здравство Фахретин Коџа, додавајќи дека хеликоптерите не можеа да полетаат во понеделник поради лошите временски услови.

Силно снежно невреме неодамна погоди делови од Сирија и Турција, а до среда се очекува веќе ниските температури да паднат неколку степени под нулата.

Фотографиите направени во градовите погодени од земјотресот во југоисточна Турција покажуваат дека семејствата се собираат околу огнови за да се загреат. Некои бараа засолниште во автобуси, спортски центри, џамии и под привремените шатори од церада – структури доволно цврсти за да издржат дополнителни последователни потреси или доволно слаби за да не предизвикаат сериозни повреди доколку се урнат.

Спасена млада девојке во градот Санлиурфа во јужна Турција
Сцена од Газиеантеп, Турција (Фото: АП)
тела на загинатите на улиците во Алеп, Сирија

Најмалку 5.606 објекти се урнати за време на земјотресот и неколку часа потоа, соопшти турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Меѓу нив е и Државната болница во Искендерун. „Се обидуваме да ги спасиме медицинските работници и пациентите таму“, рече министерот Коџа. „Овие видови катастрофи можат да се надминат само со солидарност“.

Властите во Турција ги советуваа возачите да се држат надвор од патиштата за да ги остават слободни за спасувачки операции. Скршен бетон, остатоци од метал и превртени автомобили остануваат расфрлани по многу патишта и улици, што им отежнува на спасувачите да стигнат до некои области.

Доцна во понеделникот, најмалку 300.000 ќебиња, 24.712 кревети и 19.722 шатори беа испратени во областите погодени од земјотресот, соопшти АФАД.

Што се случува во Сирија?

Во соседна Сирија, земја која ги трпи последиците од граѓанската војна, уништувањето е широко распространето. Најмалку 1.559 загинаа во областите контролирани од владата и областите контролирани од опозицијата, со стравувања дека повеќе се затрупани во урнатините.

Голем дел од северозападна Сирија, која граничи со Турција, е контролирана од антивладините сили, а хуманитарните агенции предупредуваат на акутна хуманитарна криза која најверојатно ќе се чувствува во наредните месеци.

Ел Мостафа Бенламлих, хуманитарен координатор на Обединетите нации во Сирија, изјави за Си-Ен-Ен дека мисијата за пребарување и спасување е попречена поради недостатокот на тешка опрема и механизација.

Тој рече дека залихите на ОН се дистрибуирани и потребни се повеќе лекови и медицинска опрема, а особено свежа вода или алатки за поправка на оштетените резервоари за вода.

„Повеќето од заедниците зависат од кренатите резервоари со вода. Повеќето од овие кренати резервоари со вода беа првите што паднаа или се очтетија да не можат да се поправат. Ним им треба замена или им треба поправка. Сето ова ни треба“, рече тој.

Потрага по преживеани во урнатините во Адана, Турција
Алеп, Сирија (Фото: АП)
Во Идлиб, Сирија (Фото: АП)

Околу 4 милиони луѓе во северна Сирија веќе се раселени и се потпираат на хуманитарна поддршка како резултат на војната, според Џејмс Елдер, портпарол на УНИЦЕФ, Детскиот фонд на Обединетите нации. Оваа зима беше особено тешка поради условите за замрзнување и избувнувањето на колера.

Болниците во земјата се преполни бидејќи жртвите бараат помош, а некои објекти се оштетени од земјотресот. И постои особена загриженост за ширењето на болеста, особено кај децата, кои веќе живееле во екстремни тешкотии.

Волонтер од групата „Бели шлемови“, официјално позната како Сириска цивилна одбрана, рече дека организацијата нема доволно помош за да се справи со оваа катастрофа.

„Нашите тимови работат деноноќно за да помогнат да се спасат повредените луѓе. Но, нашите способности, нашите моќи не се доволни за да се справиме со оваа катастрофа. Оваа катастрофа е поголема од која било организација во северозападна Сирија“, изјави Исмаил Алабдула за Си-Ен-Ен. „Оваа катастрофа има потреба од меѓународни напори за справување“.