Презентиран преносен мерач за аерозагадување


Мобилниот инструмент за мерење на параметри на аерозагадувањето – Bluecloud, производ кој е плод на соработката на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ и компанијата ИНФОРМ, развиен со финансиска поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој денеска беше презентиран на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

-Оваа алатка ќе утврди што се случува на теренот и ќе знаеме кој го загадува воздухот. Станува збор за преносен уред што може да се носи на конректни микролокации. Преку него може да се гледаат бројчани вредности и графички приказ на параметри. Основно е дека сè што се мери, веднаш го проследува во „облак“ и веднаш го прави достапно за сите релевантни чинители. Намерата е податоците да бидат во функција на јавноста, односно во функција и во интерес на граѓаните, но и на бизнисот кој може да следи дали и колку загадува во дадена средина, наведе професорот Јосиф Ќосев, од ФЕИТ, на денешната презентација на мерачот за аерозагадување „Bluecloud“.

Според него, оваа иновација ќе овозможи проширување на микролокации кои не се покриени со стационарни мерни станици, а постои можност да се прибираат и прелиминарни податоци преку наведувани летала – дронови. Зголеменото количество на информации со аналитика преку „cloud“ сервис ќе овозможи подетален увид во состојбите на теренот.

Половина година интензивно тече проектот за креирање на овој Систем составен од преносни уреди и платформа „во облак“, наменети за следење на загадувањето. Системот треба на општините и на инспекторатите директно да им помогне при мерење и при откривање на главните извори на загадувањето, по што општините ќе може да преземаат соодветни дејствија и мерки.

– Ние како конзорциум сакаме да понудиме услуга да се најдат изворите на загадување и врз основа на аналитиката, да се понудат конкретни системски решенија за соочување со проблемот. Затоа што граѓаните сакаат чист воздух. Овој уред ќе има и софтверско решение со крајна цел да создадеме еко-систем за справување со овој проблем. Самиот уред ќе собира податоци од одредени микролокации и потоа, ќе се прави анализа на собраните податоци со што ќе можат да се понудат соодветни мерки. Во овој еко-систем неохподно е, во иднина, да се вклучат општините, ресорните министерства и институции и граѓанскиот сектор“, порача Виолета Николова, директор за бизнис развој и старап компании на „Информ“.

Производот финансиски е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој и во рамки на проектот се предвидува да се направи акредитирана поставка за калибрација на уредите во рамки на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Имено, зголеменото количество на ПМ честички во воздухот, како и останати штетни гасови, создаваат огромна опасност по генералното здравје на граѓаните и огромна економска штета за државата.