Презентација на петтото годишно истражување за деловно опкружување


Презентација на резултатите од петтото Годишно истражување за деловно опкружување организирано од проектот на УСАИД „Партнерство за подобра деловна регулатива“ што го спроведува Епи Центар во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори ќе се одржи денеска онлајн. Презентацијата ќе вклучи анализа на набљудуваните трендови и промени во деловното опкружување во изминатите пет години.

На настанот ќе бидат одбележани успесите на проектот кој завршува на 31 декември 2020 година.

Како што соопшти Епи Центар, на настанот ќе се обратат Дрилон Исени, извршен директор на Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и сегашен претседател на Платформата за јавно-приватен дијалог, Љубомир Димовски, директор на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и Ерик Јановски, претставник на УСАИД за Северна Македонија. Наодите од истражувањето ќе ги презентира консултантот Влатко Данилов.

Заклучоците и препораките од анализата ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог, составена од четирите горенаведени стопански комори. Целта, како што наведуваат, е да се создадат мерки насочени кон подобрување на деловната клима и справување со влијанието на пандемијата Ковид-19 преку поддршката на владата за приватниот сектор.