Превод на „Светилка за Ханука“ од Османли во издание на „Прометеј“ од Нови Сад

Издавачката куќа „Прометеј“ од Нови Сад ја објави на српски јазик книгата „Светилка за Ханука“ на Томислав Османли, преведена од македонски од Зоран Ж. Пауновиќ. По прозната книга „Збир-ка-прича“, ова е втора книга на македонскиот автор што ја објавува „Прометеј“.
„Светилка за Ханука“ содржи девет повести – колку што има свеќи или кандила обредната ламба или свеќникот за Ханука, еврејскиот Празник на светлината – исполнети со теми од животот, но и на страдањето на Евреите во регионот. Прозните приказни се случуваат во меѓувоениот и воениот период, пред сѐ во Битола, Штип и Скопје, но и во Белград, Варшава, Атина, Софија, Солун, на островот Закинтос, како и на просторот на географскиот и на фикцискиот, „небесен“ Ерусалим.
За „Светилка за Ханука“ Османли во 2009 година ја доби наградата „Прозни мајстори“. Претходно, за една од клучните повести на книгата, „Фотографијата на тетка Рашела“, авторот беше лауреат на Првата награда на конкурсот за расказ на МАНУ и Фондацијата „11 март 1943“.
На корицата на најновото, новосадско издание на „Светилка за Ханука“, се наоѓа предвоената фотографија на белградското Сајмиште, кое нацистите го пренамениле во регионален логор на смртта. Објавувањето на „Светилка за Ханука“ од новосадаски „Прометеј“ е овозможено со финансиската поддршка на македонското Министерство за култура.