Претставување на македонскиот стрип во Брисел


 

Во Музејот на стрип во Брисел деновиве беше отворена изложбата „CAN for Balkans“, дел од истоимениот меѓународен проект во кој е вклучен и „Стрип центарот на Македонија“ со седиште во Велес. Покрај графичко-секвенцијалните дела на автори од Албанија, Романија и Србија, на изложбата се поставени стрипови и на повеќе македонски уметници, меѓу кои Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Илија Јордановски, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов.

На отворањето на мултимедијалната изложба беше промовирана и публикација во која се објавени резултатите од повеќегодишното истражување на историските стрипови на Балканот, со акцент на стереотипите и клишеата што се застапени во нив. Автор на поглавјето од книгата посветено на македонските стрипови на историска тематика е стрип-хроничарот и сценарист Александар Стеванов од Штип, кој воедно е и селектор на изложените стрипови во авторство на Македонци.


-Историските стрипови, покрај детските и оние со политичко-сатирична содржина, се еден од трите главни столба на македонскиот стрип. Потврда на ова е тоа што првите македонски стрип-публикации, „Цар Самуил“, и првиот стрип-албум на македонски јазик, „Мис Стон“, се на тема од минатото. Преку изборот на дела од македонски стрипописци, се обидов на изложбата да бидат претставени сите позначајни моменти од нашата национална историја, вели авторот Стеванов.

Ова, наведува тој, е второ групно претставување на македонскиот стрип во главниот град на Белгија, по она од јуни 2014 година кога беа изложени оригинални табли на доајените на македонскиот стрип – Филиповски и Димано.

Мултимедијалната патувачка изложба „CAN for Balkans“ досега беше претставена пред љубителите на деветтата уметност во Романија и Албанија. Во Музејот на стрип во Брисел ќе биде поставена до 8 јануари идната година, по што ќе биде пренесена прво во Лесковац, а потоа во Велес.