Претставник на полициската служба на БиХ: Не сме добиле ниту една закана по безбедноста на Милановиќ


Полициските и безбедносните служби во БиХ немаат добиено никакви информации за евентуална закана за хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој, како што беше претходно соопштено од неговиот кабинет, поради безбедносни причини ја откажа посетата на централна Босна и Херцеговина.

Директорот на Управата за координација на полицијата, Мирсад Вилиќ, изјави за државната радио и телевизија на Босна и Херцеговина (БХРТ) дека со денови работеле со полициските агенции од БиХ и Хрватска кои биле вклучени во организирањето на посетата на хрватскиот претседател.

– Нашите служби немаат информации за загрозена безбедност на Зоран Милановиќ за време на неговиот престој во Босна и Херцеговина, изјави Вилиќ.

Вилиќ е шеф на агенција која ја координира работата на неколку полициски агенции, а неговите службеници се најдиректно вклучени во заштитата на ВИП личностите.

За денеска најавената посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Босна и Херцеговина и присуството на настанот по повод 28-годишнината од хуманитарниот конвој „Белиот пат кон Нова Била и Босна Сребрена“ се откажува од безбедносни причини, соопшти Кабинетот на претседателот на Хрватска.

„Одлуката за откажување на посетата се заснова на безбедносната проценка на надлежните институции на Република Хрватска“, се наведува во соопштението.

„Претседателот Милановиќ изразува жалење што нема да учествува на одбележувањето на овој значаен настан за Хрватите од Лашванска долина и изразува силна поддршка и благодарност до организаторите за зачувување на споменот на хуманитарниот конвој“, се додава во соопштението од Кабинетот на хрватскиот претседател Милановиќ.