Претставници од Германскиот археолошки институт во посета на Скопје
Шестмина специјалисти предводени од директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер од вчера до четврток престојуваат во Скопје. Во рамки на нивниот престој, денеска тие ќе го посетат Скупи, а потоа, во текот на денот ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.
Како што брифираат за МИА од Музејот на Град Скопје, меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.
Во текот на утрешниот ден, претставниците од Германскиот археолошки институт ќе остварат средба со претставници од Министерството за култура на Северна Македонија.
Во рамки на соработката, во Археолошкиот музеј во Франкфурт на 17 декември ќе биде отворена нашата изложба насловена „Темната страна на Римската историја“, која е приказ на масовната гробница откриена во Скупи. Изложбата е подготвена од археологот Ленче Јованова, а претходно беше прикажана и во Белград.
Изложбата во Франкфурт ќе биде отворена шест месеци за посетители.