Претставници на ОМО „Илинден“ на разговори кај Пендаровски


Стево Пендаровски прими осуммина претставници на Македонците од Бугарија
 

Претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Бугарија денеска беа примени од претседателот на државата Стево Пендаровски. Според кусото соопштение од кабинетот на претседателот, претставниците на здруженијата го информирале Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество.

Пендаровски им кажал дека почнува нова фаза во односите меѓу двете држави и дека двете страни искажуваат волја за напредок на процесот. Претседателот смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев.

Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

Во соопштението не се наведува што му рекле на Пендаровски претставниците на македонските здруженија од Бугарија и за нивните проблеми и предлози.