Претставници на НУК в петок на средба со вицепремиерот Битиќи


 Независната угостителска комора (НУК) за петок, 29 јануари, во 14 часот доби покана за работна средба со вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи по основ на доставените и предложени барања и очекувања од Владата за поддршка и помош од петтиот сет економски мерки, информира претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.

Средбата, како што соопшти, била потврдена денеска во 10 часот од Кабинетот на заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и на неа во име на целокупната угостителска индустрија ќе имаат можност да дадат придонес во креирањето на, како што вели, неопходниот петти сет економски мерки кој се надеваме ќе биде последен.

-Конечно како релевантни претставници на угостителската индустрија ќе можеме директно и изворно да укажеме на проблемите и потребата од посебната поддршка и помош наменета за угостителите. Како претставници на комората на заедничка маса заедно со претставници на Владата на чело со вицепремиерот Битиќи ќе имаме можност директно и изворно да ги дознаеме можностите и напорите на Владата што ги презема за помош и поддршка на угостителската индустрија, како и вистински и реално да ја пренесеме реалната ситуација со која угостителската индустрија се соочуваше во период на пандемија со Ковид-19, посочи претседателот на НУК.

Изрази надеж дека ќе им биде прифатено, како што рече, најбитното основно и круцијално барање за субвенција – поддршка и помош за бруто плати за угостителските работници за периодот јануари-март 2021 со што на угостителите ќе им се овозможи да ги задржат во целост своите вработени.

-Се надеваме дека заеднички согласно можностите на Владата ќе изнајдеме начини за реализација и на останатите очекувања и барања кои се прифатливи за угостителската индустрија. Во зависност од можностите и условите за одржување на работната средба доколку дозволуваат условите и протоколите на средбата покрај претставници на НУК ќе бидат поканети и претставниците на здруженијата Клуб еснаф од Битола, Прилепски меанџии од Прилеп, Тиквешки угостители од Кавадарци, Бисер од Куманово, ЗУТ Крушево од Крушево, Антигонеа од Неготино и Охридски еснаф од Охрид, вклучувајќи и претставници на останатите туристичко угостителски комори, порача претседателот на НУК, Јосифовски.